| Анелиса Алева

Анелиса Алева е родена во Рим, каде и живее. Дипломирала руски јазик и книжевност на Универзитетот „Ла Сапиенза“, Рим, во 1980 година. Добитничка е на најразлични стипендии од Министерството за надворешни работи на Италија, во: Брно (1978), Прага (1978-79), Ленинград (1981-82), Варшава (1983), Охрид (1984, 1986). Има објавено девет збирки поезија: „Месеци“ 1996, „Она што доаѓа низ вратата“ 1998, „Писмо во форма на сонет“ 1998, „Ѕвезди и камења“ 1999, „Церемонијален воздух“ 2000, „Наследено злато“ 2002, „Инстинкт и духови“ 2003, „Скршената куќа“ 2010, добитник на Наградата „Сандро Пена“ во 2010 година, „Ликови“ 2018, добитник на Наградата „Виареџио Џиуриа“ во 2019 година. Објавени дела на руски јазик: „Наизуст“, антологија на поезија на италијански и руски јазик, издадена од Издавачката куќа „Пушкински фонд“, Санкт Петербург, 2016 година. Објавени дела на англиски јазик: „Избрани песни“, „Градива едишнс“, САД, со вовед на Паоло Фебраро, 2020 година. Во 2013 година, Алева ја објавува нејзината книга со есеи и мемоари „Спектакл на меморијата“. Таа ја читала својата поезија во Италија и странство, како Њујорк, Џонсон во Вермонт, Сао Паоло во Бразил, Санкт Петербург, Москва, Тбилиси и Батуми во Грузија, Единбург, Луксембург, Букурешт и Пекинг. Во јуни 2002 година била поканета да биде визитинг-писателка на „Студиски центар Вермонт“ во САД. Во јануари 2008 била поканета да помине цел месец во замокот „Хавторнден“, поетско засолниште во Шкотска. Од 2004 до 2007 година, таа предавала на „Ла Сапиенза“, Универзитетот во Рим, на магистерската програма по книжевен превод. Како преведувачка од руски на италијански јазик, меѓу нејзините најважни дела се вбројуваат: целокупното прозно творештво на Пушкин во 1990 година и песните „Љубовни песни и Епиграми“, 2018 година, „Ана Каренина“ (добитник на руско-италијанската награда за „Најдобар италијански превод на дело од Толстој“ во 2010 година), антологија на современи руски поети „Метаморфози“ во 2004 и антологија на 16 современи руски поети „Руски поети денес“, добитник на Наградата „Леричи Леа“ во Москва, 2008 година. Во летото 2010 година, Сергеј Красавин снимил филм во Русија во кој се застапени нејзините песни на италијански и руски јазик, со наслов „Пеј мое“.


ПОРТОФЕРАЈО

 

Ти доаѓаше во петок попладне

со траектот од Пјомбино

во светол, градски костум.

Секогаш прв се симнуваше.

Мене и мама ќе нè пофалеше

за добиената убава боја 

сè поубава, од недела во недела.

На плажа нè фалеше

за тоа колку бевме вешти во водата

но никогаш не се придружи во нашите игри. 

Нè набљудуваше од лежалката

мазнејќи си ја косата наназад.

Од назад уживаше да ја гледаш претставата 

во која децата си растеа. 

Кратко остануваше крај морето,

пократко од другите татковци. 

А потоа пак доаѓаше, прв упатувајќи се 

кон подвижното мовче што водеше на копно.

Јас се обидував да си замислам колку пати 

во темницата, далеку од глетката, требаше 

да застанеш пред вратата на излезот

и тоа долго пред пристанот, за да се осигуриш

дека прв ќе се симнеш за да нè гушнеш. 

Ја одмерував трпеливоста на твојата нетрпеливост. 

 

Превод од италијански: Анастасија Ѓурчинова

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©