| Глигор Стојковски

Gligor-StojkovskiРоден е во Волковија, Гостиварско, на 7. 8. 1952 г. Новинар, уредник, поет, публицист. Филозофскиот факултет (Југословенски книжевности) го завршил во Скопје. Работел во „Нова Македонија“ (1976-1999) како новинар, уредник на Културната рубрика и уредник на додатокот „Лик“ (1985-1998), новинар во „Утрински весник“ (1999-2001), главен уредник (2001-2007) и извршен директор на „Култура“. Автор е на повеќе книги поезија и публицистика. Преведуван на англиски, италијански, романски, бугарски, српски и хрватски јазик.

Дела: „Починка во чисти честички“ (1979), „Пајак“ (1984), „Очно дно“ (1990), „Искрвавени мугри – како загина Кочо Рацин“ (1992), „Студена минута“ (1993), „Зад билката, молк“ (1995), „Земјата сама ќе се отвори (избор)“ (1996), „Заборавено око на небото“ (1997), „Капката оловна вода (избор)“, (2008).


СТАРИТЕ ТАЈНИ

 

Мрачни облаци здивено ги полнат

со непроѕирна вода плитките гнезда –

исчезнуваат топлите воздишки

 

во напуштен замок

накиснати и прогонети

се трупаат бездомни птици

 

оловната вода ги поткопува темелите

на шумските домови –

чиниш секој миг ќе ги снема

 

дојаваа и палави ветришта

ја полнат шумата, го полнат замокот

со себеси и со тешката вода

 

како бледо привидение 

низ просторот кораб едри

новите дни ги носи белокос старец 

 

одамна водите ги чека 

и гневот дамнешен сега што татни

уморна и студена е душата негова

 

не ги трга очите од бесното небо

одговор бара и одговор нуди

– потопите никогаш немале смисла

 

ќе си останат древните камења

на своите места во куќите

со мајчини раце галени

 

и со истите тревки птиците пак 

гнездата ќе свијат

па некоја тивка ноќ

во нив и во првиот сон на децата

– тајните стари ќе ги пластат

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©