| Милован Стефановски
Поет, раскажувач, преведувач. Роден на 26. 8. 1952 година во Ресен. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Професионално се занимавал со новинарство. Работел во Нова Македонија, во весникот Република и во Министерството за информации на Македонија. Во периодот од 1987 до 1991 година на универзитетот во Крајова (Романија) и Истанбул (Турција) предавал македонски јазик. Бил претседател на ДПМ. Член на ДПМ од 1980 година. Автор е на книгите: „Ѕид пред бескрајот“ (поезија, 1978), „Вардач крај Вардар (поезија, 1984), „Привремен распоред“ (поезија, 1991), „И паѓањето е лет“ (роман, 1994), „Потонски скали“ (раскази, 2000), „Летот на митската птица“ (поезија, 2000). Добитник е на повеќе награди.
ГРАДЕЊЕ ХРАМ
Ќе се одбере место на високо
ќе се исчисти од лоши корења
од се што лази, а сака да лета
и ќе се чека!
Ќе се чека
црна птица да долета
да фрли сенка како крст
како легнат човек
со срце кај олтарот
и поглед во небото!
Ќе се удри темел длабоко
ќе се ѕида високо
до кај што допира погледот
до кај што стасува гласот
на молитвата!