Почина поетот Ристо Ѓ. Јачев, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“

Почина Ристо Ѓ.јачев, поет, романописец, театарски критичар, артист, новинар, уредник, критичар и преведувач, роден 15 мај 1942 година во Долно Родово, Воденско (денес, Като Корифи, Република Грција).

На Филолошкиот факултет на Универэитетот „Кирил и Методиј” во Скопје дипломира книжевност. Најнапред едно време работи како артист и средношколски наставник, а потоа преминува во тогашно Радио Скопје (денес Македонско радио) каде што работи како новинар и уредник до крајот на својот работен век.

Како исклучително плоден писател Ристо Ѓ. Јачев е повеќе од четириесет години живо присутен во современата македонска литература со поетски, прозни и драмски остварувања. Освен на македонскиот литературен стандард, пишува песни и на својот роднокраен воденски дијалект.

Неговата поезија е претставена во низа антологиски избори од современата македонска литература. Преведуван е на повеќе светски јаэици. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во Скопје по 1967 година.

Неговото литературно творештво опфаќа: поезија: „Кавал и магија” (1967), „Смртта на ангелот” (1968), „Маслинови гори” (1969),  „Подземни сенки” (1973), „Димна гора” (1974), „Секнати извори” (1979);  „Горница” (1984), „Сопатник на сеништата“ (1988),  „Ехо на квечерината” (1989), „Ангел над Христовиот гроб” (1991),  „Камена перница” (1992), „Смртни песни” (1994), „Велестовски ноќи” (1996), „Вакафска земја” (1998), „Примка” (1998),  „Жедна ноќ” (2000), „Белиот светец” (2002), „Студен мрак” (2005) „Помнам“ (2013). Проза: „Вечерни ветрови“ (1972), „Кукла“ (1992), „Јаков“ (1993), „Патот на ангелите“ (1996), „Алексеј“ (2001). Автор е на радио – драмите: „На север во рајот“ , „Балкански бордел“, „Волчја земја“, „Коктел“ и „Моите соништа“.

Добитник е на престижната награда „Браќа Миладиновци“ во 2013 година, како и на наградите „Златно перо“, „Григор Прличев“, „Ацо Шопов“, меѓународната литературна награда „Мелник“ во Република Бугарија и други.