Врз основа на член 28 од Статутот на Струшките вечери на поезијата, Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, на својата седница одржана на 24.06.2013 година го донесе следниот

П Р А В И Л Н И К
ЗА НАГРАДАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ НА
СТРУШКИТЕ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Член 1

Наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува за најуспешна книга поезија објавена на македонски јазик од 1 јуни претходната година до 31 мај од годината кога наградата се доделува.

Член 2

Наградата „Браќа Миладиновци“ е неделива.

Член 3

Наградата „Браќа Миладиновци“ се состои од плакета(повелба) и паричен износ.
Износот на наградата „ Браќа Миладиновци“ го одредува Управниот одбор на НУМ СВП секоја година.

Член 4

КОНКУРС И КРИТЕРИУМИ ЗА УЧЕСТВО

– За наградата „Браќа Миладиновци“се доделува само за книга која е пријавена на конкурсот кој го  расишува СВП и која ги исполнува критериумите и условите зададени со него и со соодветниот Правилник.

– Конкурсот за наградата мора да биде распишан најмалку 20 дена од крајниот рок за поднесување 20 Јуни во тековната година.

– Наградата „Браќа Миладиновци“ се доделува за поетска книга напишана и објавена на македонски јазик. На конкурсот може да биде пријавена и книга објавена двојазично, каде поетското творештво на македонски е оригинално создадено, односно, не е превод од друг јазик.

– Пријавените поетски книги треба да се првообјавени во периодот за кој се доделува наградата и да не бидат претходно објавени на друг јазик.

– Избори или книги во кои има препечатени делови од други книги нема да бидат земени предвид.

– На конкурсот можат да бидат пријавени само дела од еден автор. Коавторски дела се неприфатливи.

– Книги во издание на СВП не можат да бидат пријавени на конкурсот.

– Книгите мора да имаат ISBN број.

– Книги од членови на УО на НУМ СВП, директорот на НУМ СВП, вработените или на членови на жири-комисијата и нивни поблиски роднини нема да бидат прифатени.

– На конкурсот пријави можат да поднесат авторите или нивните издавачи во согласност со нив.
– Еден автор или издавач може да учествува со неограничен број наслови.

– Книгите објавени под псевдоним може да учествуваат за наградата доколку тој псевдоним е  општопознат и авторот настапува во јавноста со него. Доколку се работи за нов или малку познат, тогаш поднесувачот треба да достави доказ за вистинскиот идентитет и за авторството на книгата.

– Книгите кои нема да пристигнат до определениот рок или нема да ги исполнуваат условите од истиот нема да бидат земени предвид за наградата.

– Авторите или издавачите за учество на конкурсот мора да испратат 6 (шест) примероци од книгата на следната адреса:

Струшки вечери на поезијата

Поштенски фах 109

6330 Струга

Република Македонија

Член 4

УСЛОВИ ЗА НАГРАДАТА

Книгата која е пријавена на конкурсот за наградата нема да се квалификува доколку не ги исполни следните услови:

– Поднесувачот на пријавата (издавачот или авторот) не обезбедат (достават) писмена согласност од авторот дека ќе учествува во сите јавни настани организирани во врска со наградата (прес-конференции, читања, промоции итн, тв настапи, снимања итн.), за што сите трошоци за сместување, превоз и организација ќе бидат на сметка на СВП;

– Доколку издавачот и авторот не достават писмена согласност дека ги отстапуваат авторските и издавачките права на НУМ СВП за превод/препев на други јазици, за препечатување на целата или делови од неа во препев или оригинал и за сите други употреби (објавување во дигитален формат или на интернет, во аудио-визелна форма и сл.) во земјата или во станство, а кои се однесуваат на промоција на авторот и наградата

– Доколку издавачот или авторот не дадат писмена согласност дека при повторно препечатување на истата мора да побараат согласност од СВП за користење на името и логото, како и името на наградата.

Член 5

Одлуката за доделување на наградата „Браќа Миладиновци“ ја донесува Жирикомисија составена од 5 членови што на предлог на директорот ја именува Управниот одбор на СВП.

Член 6

ЧЛЕНОВИ НА ЖИРИ-КОМИСИЈАТА

а). Членовите на жири-комисијата ги избира Управниот одбор на СВП на предлог на директорот.

б). Членовите на ЖК се избираат за еднократен едногодишен избор, за што добиваат соодветна награда определена со Правилник на СВП за авторски и други надоместоци, или со одлука на УО на СВП, ако поинаку не е регулирано.

в). Членовите на жири-комисијата треба да бидат од редот на истакнати литературни критичари, теоретичари, литературни истражувачи и поети.

г). Членовите на ЖК не смеат да бидат вработени во СВП, ниту пак да бидат издавачи, сопственици на издавачки куќи или уредници во издавачки куќи кои конкурираат на кокурсот за наградата, за што потпишуваат соодветна изјава.

д). Членовите на ЖК не смеат да бидат во поблиско роднинско сродство со некој од пријавените кандидати, за што потпишуваат соодветна изјава.

ѓ). Членовите на ЖК не смеат на било каков начин да имаат интерес од самото доделување на наградата со што би можело да се нанесе штета на кредибилитетот на наградата.

е). Членовите на ЖК одлучуваат во апсолутна дискреција, за што потпишуваат соодветна изјава. СВП е должна да ги озбезбеди сите други потребни услови за работа во такви услови (соодветни простории, материјали и др. технички потреби), како и примероци од излезените книги што конкурираат за наградата.

Член 7

РАБОТА НА ЖИРИ-КОМИСИЈАТА

а). Работата на ЖК е дискретна за целото време на одлучувањето, за што членовите и писмено се обврзуваат на тајност за свое членување во неа.

б). Жири-комисијата работи во две фази: поединечна и заедничка. Во поединечната фаза членовите на ЖК членовите остануваат тајни и меѓусебно. Откако писмено ќе прифатат да бидат членови на ЖК и ќе ги дадат соодветните изјави кои се предуслов за избор, членовите на ЖК од страна на директорот на СВП ги добиваат
списокот на сите пристигнати книги, заедно со примероци од истите.

в). До 20 јули должни се до дирекцијата да достават запечатен плик со својот потесен избор од 5 (пет) поетски книги кои конкурираат за наградата со соодветно образложение на најмалку половина страница за секоја од избраните книги и една страница општ текст за сите други кои не влегле во нивниот потесен избор. Потесниот избор на книги треба да содржи рангирање на книгите со броеви од 1-5, каде еден (1) е највисок (добива 5 поени).

г). Заедничката фаза на работата на ЖК започнува со првиот заеднички состанок, на кој присуствуваат и претседателот на УО и директорот на СВП. Комисијата на првиот заеднички состанок по именувањето избира свој претседател и секретар.

д). Директорот и претседателот го предаваат списокот на сите пристигнати книги и ги предаваат сите доставени потесни избори на членовите на жири комисијата. Понатаму комисијата работи самостојно.

ѓ). Комисијата може да работи само во ситуација кога се присутни најмалку 4 члена од нејзиниот состав, а отсутниот член да може по телефон или друг елекронски начин на комуникација (скајп, друг аудио-видео
комункација) да ги следи дискусиите и да одлучува, за што веднаш потоа доставува писмена изјава своерачно потпишана во која се наведени неговите ставови и неговото гласање по одделните одлуки. Неговата изјава е составен дел од записникот од седницата и се потврдува вистинитоста откако ќе биде јавно прочитана и со гласање одобрена.

е). Комисијата најпрво го разгледува списокот на пристигнати книги и ги проверува уште еднаш дали ги исполнуваат критериумите и условите наведени во конкурсот и го утврдува конечниот список на пристигнати книги кои влегуваат во конкуренција. Доколку е потребно со известување или барање се обраќа до директорот на СВП и до УО за одредени работи за кои им се потребни дополнителни информации
во одлучувањето. Дирекцијата и УО во најкраток можен рок е должна истите да ги достави до ЖК.

ж). Комисијата е должна да направи листа на прв потесен избор од најмногу десет (10) поетски книги според бројот на гласови кои одделните книги ги добиле и според гласањето на мнозинството на комисијата. Потесниот избор комисијата е должна да го достави до дирекцијата најдоцна со 25 јули. Истиот се објавува во јавноста.

з). Најдоцна до 10 август комисијата е должна да го достави и вториот потесен избор од 5 поетски книги.

ѕ). Своите одлуки комисијата ги донесува со јавно гласање. За полноважноста на одлуката е потребно просто мнозинство.

и). Конечната одлука комисијата ја носи до одржувањето на фестивалот и најдоцна 24 часа пред соопшувањето заедно со соодветно образложение им ја доставува на претседателот на УО и директорот на СВП.

ј). Во случај ако комисијата со мнозинство гласови заклучи дека ниту една од пристигнатите книги не може да биде наградена, претседателот на жири-комисијата е должен писмено да го извести Управниот одбор и директорот на СВП веднаш по донесувањето на таквиот заклучок, а најдоцна 24 часа пред истекот на рокот за соопштување. Конечната одлука во овој случај ќе ја донесе Управниот одбор на СВП.

к) На состаноците жири-комисијата води записник што претставува трајна документација на СВП.

л) Записниците на жири-комисијата на наградата како и сите документи поврзани со одлучувањето се доверливи. Истите можат да бидат достапни на јавноста само со одлука на УО на НУМ СВП ако за тоа постои некоја исклучителна причина и јавен интерес кој го засега угледот на наградата или институцијата.

м) Образложението од Одлуката на жири-комисијата и е достапно на јавноста по објавувањето на добитникот.

Член 8

Наградата „Браќа Миладиновци“ се објавува на конференција за печат што ја организира СВП за време на одржувањето на фестивалот.

Член 9

Наградата на добитникот му ја врачува лично претседателот на жири-комисијата на манифестацијата „Мостови“ во Струга.

Член 10

Овој правилник влегува во сила со неговото донесување.