Годинашен добитник на наградата „Мостови на Струга“, што ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ под покровителство на УНЕСКО за најдобра дебитантска книга, е хрватската поетеса Моника Херцег. Признанието е за нејзиното првенче „Почетни координати“ (Početne koordinate), збирка објавена во текот на 2018 година.

Моника Херцег е родена во 1990 година, во Сисак, Хрватска, гимназија завршила во Петриња, а студира физика на универзитетот во Риека. Живее во Загреб. Уредник е на загрепското списание „Поезија“, како и на неговиот книгоиздавачки оддел.

Нејзината дебитантска збирка „Почетни координати“ е високо оценета од хрватската критика и во годината на нејзиното објавување се закитува со неколку награди. Така, во 2018 година, во својата земја, Херцег ја добива наградата „Квирин“, која се доделува на поети помлади од 35 години, како и наградата „Фран Галовиќ“, која се доделува на најдоброто книжевно дело на тема родниот крај и/или идентитетот.

Можеби најласкавото признание за „Почетни координати“ на Моника Херцег е наградата „Славиќ“, за најдобра дебитантска прозна или поетска книга, што годинава ѝ ја додели Друштвото на хрватските писатели.

Но тоа не е нејзината прва награда за оваа стихозбирка. Во 2017 година, младата поетеса ја добива наградата за дело во ракопис „Горан за млади поети“ (Goran za mlade pjesnike) од хрватскиот поетски фестивал „Горанова пролет“ (Goranovo proljeće).

За своето творење и за спојот на поезијата со областа на нејзиното формално образование – науката – Херцег вели:

„Првенствено станува збор за убавината. Обете имаат нешто поголемо од нас, и тој свет момент на разбирање помеѓу микрокосмосот и макросферата е еднаков на начинот на којшто прекрасната поезија го збогатува човека. На крај на сѐ, ова се два прозорци, еден за согледување на надворешниот свет, а друг за согледување на себеси, без разлика дали станува збор за читање или пишување поезија, бидејќи текстот секогаш збогатува и му отвора на човека нови видици“.

Критиките што хрватската поетеса ги добива се, во најмала рака, ласкави.

Така, Миљенко Јерговиќ во хрватскиот весник „Јутарњи лист“, ќе напише

„Се случува, иако многу ретко, нечија прва книга да ги има едноставноста, силата и конечноста на последната книга. Писателите што ќе ја напишат првата како да им е последна, имале дарба, а по правило, и животна трагика за неколку животи, и се нашле на крајот, кога на сите околу нив им се чинело дека се на почетокот…

Многу нешта се случуваат, навистина многу нешта се случуваат во овие песни и во оваа книга, но сето тоа мноштво е во многу едноставни конструкции од зборови и слики, толку едноставни што читателот се вчудовидува. И тоа чудење е најчестиот негов рефлекс.

Пишувањето и пеењето, како и раскажувањето преку пеење, на Моника Херцег претставува единствен спој на зрелост и наивност, конечна довршеност и сосема детинско доживување на себеси и на светот“.

 

Позитивните критики се нижат и понатаму:

„Ако поезијата навистина доаѓа од оностраното, тогаш оваа книга е искуство блиско до надземното, митолошкото. Таа е полна со зима, спротивставена на топлината што ја зрачи огништето во куќата, околу кое авторката собрала ликови коишто се своевидни носители на наративот во секоја песна, а тоа се членовите на семејството, бабите и дедовците, кои цело време се на границата меѓу земното и прекугробното, кажувачи на скриеното и суптилното во светот што го окружува читателот…

Она со што Моника Херцег ги храни читателите е сѐ само не мртво. Поскоро би можело да се каже дека меѓу кориците го закопала мракот, за надвор од нив да остане само чиста светлина. Или обратно, можеби таа светлина на крајот ќе се врати во оној што ќе се осмели да го разгрне тој мрак“, пишува Мирко Божиќ во „Модерна времена“.

„Почетни координати“ на Моника Херцег во целост е успешна и промислено конципирана поетска книга, којашто со своите тонови и емоцијата влегува во простори далеку од секоја појавност. Тоа е свет подеднакво и мачен и безгрижен, драг и страшен, којшто оживува во стих и нѐ води длабоко во спознание за нас самите“, вели Ѓорѓе Крајишник во „Ослобоѓење“.

Втората книга на Моника Херцег, која е сѐ уште во ракопис, е добитник на наградата „На врх језика“ за најдобра неиздадена поетска книга за 2018 година. Таа годинава би требало да биде испечатена.

Младата поетеса е избрана во 2019 година да ја претставува Хрватска во проектот „Версополис“, во кој учествува и СВП.

Наградената книга според правилата од страна на Струшките вечери на поезијата ќе биде објавена во тројазично издание (хрватски, македонски и англиски јазик). Истата ќе биде претставена за време на овогодишното издание на фестивалот (21–28 август), кога и ќе ѝ биде врачена наградата.