Хусто Хорхе Падрон

Чествување на Блаже Конески

Од порив кога име едно ми иде,
светлото име на големиот Блаже Конески,
зурлите на земјава пламено ечат
и боите живи ги будат на виножитото тие.

Кај секој вистински македонец
при неговиот спомен благодарност блика,
а жените и мажите во чест негова
срцата ги сполотуваат свои во единствен жар.
Крешти силниот ветер по вишните жита,
а опојот моќно се шири на сонцето
крај огништето во Небрегово, во Прилеп и Скопје
и крај изворите најбистри на Дрим
делото на Конески да го пофали.

Од умот негов канонот светол се роди
на јазикот македонски, утроба на словените.
Со разум и жар тајните ги појасни тој
на чистите самогласки, давајќи им светлина вечна
на изделканите согласки лични.
Одгласи древни долови тој во јасната синтакса,
ред и мерка постави кај глаголите
сричајќи го сонцето на граматиката
со изучениот ритам на систолата и дијастолата.

Постепено ги лишеше тој сенките и примките
од јазичните звуци, бришејќи ги темнините,
заталканата збрка, и така сосема чист,
со пламениот здив на гласот свој,
ја исполни со смисла тој проѕирноста,
враќајќи го пламенот, изгубената гордост
на убавиот и звучен јазик на Македонија.

Овој неизбришлив јазик ја извиши снагата своја
со насмевката возбудена
на цел еден народ кој по толку векови
еманципација стекна, жетта си ја згасна,
отфрлајќи го вечното слугување свое
под јаремот на туѓите слова.

Надешта и слогата на овој древен род
напредна чекор по чекор со зборот свој чист
душата да си ја најде, слободата вишна
украдена од империи моќни.
Редици старци, млади и мажи распалени
пранги скршија стегнати
кога одекнувачкиот повик го чуја.

Ослободените раце нивни се преплеткаа
старо оро да заиграат.
О тешкото, помогни ни, води не
во овој виток бран нозете што ни ги крева
со смелата убеденост во вербата на сонот твој,
врзувајќи не за сонце од пролет непобедлива
и така, свесни за сопствената сила,
да го продолжиме ние патот на Конески.

 

 

Шестиот ден

Почит кон Македонија

Кога го создаваше Господ нашиот свет
и го заврши својот последен ден,
го погледна с# уште недовршеното дело
и со љубопитство на уметник мина
по Европа со рацете свои
и ги обиколи со гордост и сила
рамнините и пороите на Шпанија.
Ги погали убавите предели на Франција,
родни како виното и меланхолијата.
Посака тој да ги меша изненадата и складот во врвовите
и во грубите линии на пејзажите на Хелвеција.
И кладе снег, пламена таинственост
и брези блескотни
во тишините темни на скандинавскиот ветер.
Се спушти радосно по Бохемија и Италија
и наближувајќи до Балканот си рече:
Ми остана овој предел поубав од најубавото.
Светлината живее тука, најсреќна и чиста.
И како восхитено дете ја допре географијата
што ја имала со столетија
Југославија. Таму занесено се запре
па со раката по бреговите мина
на Јадран небесни, со наслада ги вдиша
проѕирните и прекрасни шуми на Србија,
а потоа понајуг еден заслепувачки блен,
еден дијамант брусен од илјадни ветриња, долго,
една оаза што блика од сончевите води:
таму пулсираше во светлина земјата Македонија.
Тогаш Господ се замечта и стана двапати Господ.
Имиња нежни се јавуваа на неговите усни:
Скопје, Прилеп, Наум, Охрид, Струга.
При изговорот на овие имиња кристални
се родија птици и се населија в крошни
а планетата наша за да ја заштити
ги создаде облаците бели, тие кораби вишни.
Господ восхитено седна зашто не веруваше веќе
во своите сопствени чуда. Ја бакна потоа
сувата длабнатинка тогаш на долината на Охрид.
Не можеше тој да го запре сјајот во своите очи
и заплака пред своето дело најсвидна
И паднаа неговите солзи врз долината на Охрид
езеро создавајќи што ги покри
сините далечини. И Господ
помисли дека случајот понекогаш го довршува
тоа што и недостига на неговата уметност и викна:
Во тебе Охрид и Струга би сакал да се преобратам!

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©