13., ОД ПОЛЕТО, ПЕСНА ЗА СРЕЌАТА

13.

Утрово беше толку злокобно
прозорците на колата подбелени од мраз
мразот не заминува, јас сепак возев
ко во лош сон, со главата издадена надвор
луѓето ми свиреа, некои сигнализираа

Еве уште едно искуство од во кола: мразот
не можеш да закочиш, лизгаш, нанапред, поминуваш на црвено, кочницата втоната до крај

Друго искуство: снегот
прскачите не работат, шофершајбната е сиво-кафена маса
непроѕирна, на автопат, со децата на задното седиште

И уште едно: се отвораат вратите
неколкупати ова се случи, вратите од колата, на автопат, автопатите, децата

Сообраќајот е нереален, често
ќе ме убиеле и ќе сум убиел во него
но сепак не се случило

Јас сум на третиот кат од црвеното куќиште и гледам нанадвор
доцна е, децата спијат, надвор се стемнува

Кога најмалку очекуваш
Чарлс Резников* вели на едно читање во Сан Франциско во 1974
светлото се гасне

И пак кога најмалку очекуваш, вели
светлото се пали
пак

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

* Чарлс Резников (31 август 1894 – 22 јануари 1976) – американски поет најпознат по своето дело Сведоштво: САД (1885-1915), како и Рецитат (1934-1979). (Заб. на прев.)

 

 

ОД ПОЛЕТО

Ова е песна за природата која се интересира и за други работи, други работи постојат три ладни стакленици, нивната влажна индустрија, жолта сред маглата врз полето, можеш да се чувствуваш како полето, како можеш да се идентификуваш со него, со такво место, со изорано поле, чуден отворен простор, тело без органи.

*
Полето треба да вежба повеќе, ко ден му е јасно ова, не оди во вежбална, на работа оди со кола. Полето не знае кај би нашло време за вежбање, полето не разбира како сите други наоѓаат време за вежбање, од што се лишат. Полето ги откажа цигарите одамна, ама пушењето не е доволно.

*
На патувањето до Париз без децата полето прашува, мислиш дека доживуваме криза. Да, доаѓа секавичен одговор. Некако премногу секавичен, си мисли полето, не го очекуваше ова, полето молчи. Му треба малку време да подразмисли што треба да се каже.

*
Полето окапува на Фејсбук.

*
Полето окапува пред телевизор.

*
Полето вежба сосем малку.

*
Според старо и младо од семејството на полето, полето окапува на веце школката наутро. А полето само си седи, се буди. Полето е спор будник.

*
Полето понекогаш си мисли дека е несреќно на некој млак и обичен начин што го прави среќно оти мисли дека ова најверојатно е нормално, и тоа го прави среќно оти си мисли дека работите може да се бетер, и ова го плаши оти мисли дека работите можат да станат уште побетер, па почнува да мисли на нешто друго.

*
Полето никогаш не ја напуштило Европа.

*
Полето има проблем со местото во кое се наоѓа, звучи ко клише, ама тоа е вистината. Полето многу се допишува, полето многу сурфа на интернет, полето стравува да не пропушти нешто, на полето многу работи му се случуваат. Во тек е со настаните, сака да знае што прават сите други во моментов.

*
Полето не е нешто особено заинтересирано за природата, љубител на природата не е нешто што би рекле кога би го опишувале полето, не е заинтересирано за животни или дрвја или цвеќиња или што и да ги интересира љубителите на природата. Најдоброто искуство во природа што полево го имало било на панаѓурот во Роскилд; го вивнале горе во авионче, четворица биле внатре, ептен интимна атмосфера, природата е прекрасна гледана одозгора, авионот бил црвен.

*
Полето порано обожавало танцување, пиење и танцување ама откако го сликале со мобилен на некој настан од фирмата и ги споделиле сликите јавно, не е веќе истото. Полето забележало дека станало поповлечено.
*
Полето не е заинтересирано за пестициди.

*
Полето не мисли дека игра улога за што е заинтересирано, полето секако ќе биде присилено или изложено на ова или она, без разлика за што е заинтересирано, и на ова треба да се обрне внимание, така дума полето.

*
Полето обожава зборување на телефон, таа интимност, да си заедно без да си заедно, звукот на другата личност од нивната дневна соба, ненадејната блискост што ако сакаш може да биде прекршена лесно ко гасење телевизор. Може со саати да зборува дури ушето не му се загрее и вцрви и почне да пулсира.

*
Полето љуби убави раце.

*
Полето почитува долги нозе.

*
Цицки или газ, полето е цицко-поле.

*
Полето најчесто гледа в очи, во погледот во нив.

*
Полето знае да фрли око на плешка.

*
Небиолошки семејства, што мислиш за нив, полето нема некое посебно мислење, само забележало дека ова станува некоја норма сега, нормала, дека појавава веќе не заслужува посебно внимание, било да е добро за децата, било да е лошо. Може да се помисли и дека ова развива некои вештини кај децата, налик на некое долго групно испитување, да, така мисли полето, да, не е невозможно, ама ако го распрашаш подетално нема некој ќеф да се објаснува или да ја разглобува мислата понатака.

*
Можеш сè да сториш, секаде да влезеш, врата да отвориш, луѓе да запреш на улица, да ги бакнеш, да ги удриш, да скршиш прозорец, да скокнеш некаде, да превртиш нешто, да украдеш кола, да изметеш нечиј двор, да ги нахраниш животните, да ги застрелаш, да се слечеш секаде, да запалиш светла, да спуштиш слушалка, да кажеш што сакаш на кој сакаш, да прекинуваш, да пееш, што е најлошото што може да се случи, што е најлошото што може да се случи: размислувањето за ова прави полето да се чувствува несигурно.

*
Чувството на клаустрофобија е пререално. Полето често се чувствува вака; како навистина да е во некое ситно собиче. Проблемот со чувството на клаустрофобија е што не можеш да го оставиш зад себе, проблемот со чувството на клаустрофобија е што те следи.

*
Можеби не е чувство на клаустрофобија, си мисли полето, можеби ова е чувството да си неспособен.

*
Полето не може, иако се обидуваше цело утро, да се сети на зборот непристоен. Независен, неодговорен, нечувствителен, не, изложен, не, не му текнува. Штом успева покасно дента, конечно, полето се прашува дали е значаен зборот, дали е баш овој збор потсвеста му го потиснува, се прашува дали можеби треба да побара стручна помош. Полето размислува што друго би можело да стои скриено, кои зборови со какви свои причини стојат зад нивното заборавање, дали ова е сериозна работа, дали ова е нешто со кое можеби треба да се соочи. Полето сфаќа дека крши прсти од нервоза и веднаш прекинува.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

 

 

ПЕСНА ЗА СРЕЌАТА

Како треба да изгледа една песна за среќата
веројатно не вака
со прашања

Дали треба да си среќен за да напишеш песна за среќата
или треба, напротив, да не си
да те направи среќен дури ја читаш

Мислам дека среќата е поврзана со конкретното
со предмети и места
среќата се наоѓа во посебно одделени временски простори

Имам една сина лакирана вазна
моја е, ја мислам
кога мислам на среќата

Имам едно парче залепена керамика од Италија
која исто прави да помислам на Елза
но не мислам дека некогаш бевме среќни

Не мислам на луѓе
кога мислам на среќа
мислам на алкохол

Чувството на среќа е чувството на ракија
Коскенкорва вотка или грапа*
како лизга низ мене

Едно сонце низ телово се шири
и зраците пробиваат до мозоков и куров
истовремено веат

Ко ветрот што вее околу ушите
на тркачот кој безумно трча
среќен и сам по патот

Превод од англиски јазик Горјан Костовски

* Италијански пијалак со висок процент на алкохол, вид бренди од грозје. (Заб. на прев.)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©