Амир Ор | Лауреат 2020
Амир Ор, роден во Тел Авив во 1956, е автор на десет книги поезија. Најновите книги објавени на хебрејски му се Музејот на времето (2007), Ѕверско срце (2010) и Пророштвата на лудакот (2012). Неговите песни, преведени на повеќе од четириесет јазици, се објавени во антологии, списанија за поезија, како и во дванаесет книги во Европа и САД. Меѓу нив се и Песна и Ден (обете објавени кај Дедалус во ОК, во 2004 односно во 2006 г.); Плочи од музејот на времето (АртАарк, САД, 2009); и изборот на шпански и англиски Чудо/Часови (Урпи, САД, 2011). Ор е добитник на израелски и меѓународни поетски награди, меѓу кои се и Бернштајовата награда, Фулбрајтова награда за писатели, Премиерската поетска награда Леви Ешкол… Добитник е и на неколку поетски стипендии, меѓу кои и кај Универзитетот на Ајова, Центарот за еврејски-хебрејски студии на универзитетот во Оксфорд, Литературниот колоквиум во Берлин, Фондацијата Хајнрих Бел во Ирска, и во замокот Хауторден во Шкотска. Добитник на златниот венец на поезијата за 2020
Орлова песна
Облечен во природата на дрвото,
се одморам во сопствената сенка.
Моето јас од вода
тече по карпи
со други јаства
во мазно единство.
Штом небото ми се наоблачи
ја облекувам природата на громот,
го празнам товарот на мојата моќ
и си ги полевам земните јаства.
Потоа се разведрувам, носам долго, бело перје
од еден до друг крај на хоризонтот
и ги опкружувам сопствените синори,
ги заокружувам небесните рабови.