БЛАГОСЛОВЕНО ДА Е МЛАДЕНЧЕТО, СЦЕНАТА НА РОЖДЕНСТВОТО, ВЕРОЈАТНО ЌЕ БИДАМ СЛАБА СТАРИЦА, ПЛИВАЧ, ЛЕНА

БЛАГОСЛОВЕНО ДА Е МЛАДЕНЧЕТО

I

Благословено да е младенчето
од чијашто кожа
ми се направени чевливе.

Благословен да е касапот,
кожарот и чевларот,

малите раце на продавачката
кои ги ставија високите потпетици во темнозелена кутија
во дуќан по тесните улички на стариот град.

Благословено да е младенчето
од чијашто кожа
ми се направени чевливе.

Чевливе што ме донесоа кај тебе.

II

Проклет да си.

Превод од англиски јазик Ана Топенчарова Коваческа

 

 

СЦЕНАТА НА РОЖДЕНСТВОТО

Овците од сцената на рожденството се вечни
како Бог.

Сите ги бројам.
Ниедна не е скршена.

Имам 4, 14, 24 години.
Секоја година подзастанувам
пред необичниот состав на Рожденството.

По празникот, чистачката
внимателно ги собира гипсените фигури
и понизно ги пакува светите кукли во кутија.

И сѐ така, животните, мовот,
ѕвездата од фолија, електричната фонтана купена лани…

Нашиот Бог се раѓа како дете секоја година,
а нема време да порасне –

Повторно пристигнува како бебе
во картонски јасли.

Колку кршлив бил семоќниот.

Фрлам паричка во кутијата и палам свеќа
За мојот поранешен свршеник
роден на ист ден како Бог.
Секој Божиќ добивал само еден подарок
наместо два.

Неговата избледена слика од прво одделение
сѐ уште ја имам во паричникот.

Мајка која никогаш не родила.

Превод од англиски јазик Ана Топенчарова Коваческа

 

 

ВЕРОЈАТНО ЌЕ БИДАМ СЛАБА СТАРИЦА

Разгрнувајќи си ги бакнежите и стравовите
Таа се буди навечер
И се чуди на сѐ што ја променило.
Пол Елуард

Во 2055 година, веројатно ќе бидам слаба старица
и нема да фаќам толку место во автобусите и редиците.

За половина век, само огледалото в бања и доктори
ќе ми го гледаат телото.

Ќе ме допираат само
испотени ношници,
поткинати под мишките.

Тогаш, пред да заспијам,
Ќе се сетам на вкусот на јазикот и плунката на мојот љубовник
и сите мажи кои ме посакувале одамна.

И – како крцка креветот
кога двајца лежат на него.

Превод од англиски јазик Ана Топенчарова Коваческа

 

 

ПЛИВАЧ

Една жена стана од зеленкастото ќебе
И се брцна во морето

(до глуждот
до колената
до половината
до градите
до рамената
до вратот)

додека ситната фигура не се стопи
под покривката од бранови со нишки од тантела.

Ветерот бавно ги вртеше страниците,
читајќи ја книгата што ја остави на брегот.

Приквечерта, го предаде парталавиот том на библиотеката на дините
И им ги наполни устите на ликовите со песок,

кои сѐ уште беа живи и се давеа
со речениците напишани на непознат јазик.

Таа беше странец, на околу триесет години.
Никој не знаеше која е.
Патуваше сама.

Превод од англиски јазик Ана Топенчарова Коваческа

 

 

ЛЕНА

Шанкерката на комплексот, Лена,
пуши накрепена на касата од вратата.

Низ завеса од дожд, поглед остар како нож го боде морето
Сечејќи риба уште неуловена.

Џебовите на нејзиниот накиснат скутник се празни –
Само што го врати клучот.

Острозаба риба го краси натписот на локалот –
Специјалитетот на куќата „уха“. Рибина чорба.

Звукот откај кујната кај што се сечат рибешки глави:
Сец, сец, сец….

Љубовницата на сопственикот ги брише рацете од фармерките –
мало душкало со коса во боја на сонцето.

Чантата на Лена со расипан патент
држи три млаки котлети –
Вечера за двете ќерки и за неа.

Последниот автобус накај дома тргнува за два часа.

Превод од англиски јазик Ана Топенчарова Коваческа

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©