Насон го видов татко ми, облак што со лева рака пишува
врз стакло од излог на аптека
Носи тој син мантил
Дур’ минува преку улица по иглата на стар грамофон
Проаѓајќи крај една пералница и салон за ковчези
Недалеку од улицата на која израснав
А неговиот син костур уште повикува трамвај
Сонувам како на секое ќоше има по еден татко
Втурнат со грб во борба со татковци
И секоја улица пружа отпор, секој агол
Сведочи: Токму во срцето на улицата
Некој татко си го исплазил јазикот
Чиниш извадена гума на велосипед…
Времето по смртта на татко ми со полна брзина мина оттаму
Се надевам дека некој ќе го запре овој сон
Се надевам дека некој ќе ме разбуди
Меѓутоа нема никој, та продолжувам да го сонувам
Сонот на мртвите
Во кој ги сонуваат тие своите животи
Лопата по лопата земја е истурана во отворените гради на мажиштава
И од нивните тела земјата добива нови граници
Муви што веќе нема да јадат луѓе
Одлетаа за миг
Еден поглед врз вагата висната на јадицата
Ги тера нив да потстанат и гласно да заплачат
Овој сон го прифатив и јас
Го сонував она што требаше да го сонувам
Го сонував тоа што сонот ми го заповеда
Како да сум грабнат од сонот –
2001
Превод од кинески јазик Игор Радев