Гојко Божовиќ – ХРОНИКА

Сè што е кажано
Ќе биде кажано пак.
Ќе се повторува гневот.
И ќе штрака оружјето.
Градовите ќе трпат опсади
И ќе паѓаат под нив,
Без глас и без гласници.
И ќе талкаат јунаци после војните
Барајќи ја својата куќа,
За да најдат во неа
Жена, можеби верна,
Кандидати за женидба, секако распашани,
Заборавените домашни,
Меѓу нив и синот
Пораснат без упорноста на татковиот поглед.
А татковците ќе станат деца
На недостојните синови
И лузните ќе се гледаат
Во сјајот на големата печурка,
Во мракот на згаснатите ѕвезди.
Во папратот ќе останат градовите
Обележани со царски печати.
А царот, како и секој
Семеен човек, ќе
Биде уморен од нестрпливите насилници
Заедно со целото семејство.
И некој, повторно, ќе извикне
Над заливот
Во утро без бранови,
Иако хрониките не го знаат
Неговото име и сè уште не го
Виделе неговиот лик.
 
 
Превод: Никола Кукунеш

en_GBEN