Стеблото – какаовец е татко на секоја чоколада.
Низ плодот на какаото сончевите бои му ги нудат
празничните украси кои одговор треба да дадат
на игривиот предизвик испратен од цвеќињата бели
што се будат.
Внимателните раце резанките на плодот ги делат
што стрпливо се сушат за да добијат нова кора.
Како гравче е тоа – не, послично е на желад.
Го мијат, го сушат, пред други нешта да му сторат.
Мелницата го меле, потоа низ сито го сее.
Кога е печено, благородното зрно на какаото зрачи
со една миризба што со задоволства вее
и која се вдишува на еден љубовнички начин.
Се иситнува, се дроби, се меле и се гмечи,
низ постапка во која истенченост се скрива,
но и неопходност. Теста, мирисни и течни,
се резултат на работата напорна и жива.
Златни зрна со убава кафена боја
минале низ мексиканските цивилизации луди:
толтечка, Маја, астечка, секоја со наумничавост своја.
Ја разгоруваат алчноста, оживуваат ѓаволштилаци блудни.
И се придаваат моќи. Од чувство на радост
до занеси на Афродита. Пердувестата змија
ни го подготвила пијалакот што е полн со сладост
и во кој ванила и канела можат да се кријат.
Како и љубовта, и таа сетилата ги буди:
тајни шумови, вкус раскошен, мирис сласен.
Го хипнотизира погледот со светкавоста што ја нуди,
ја крева енергијата, го разгорува восхитот страсен.
Во прав, во таблети, како пијалак, в делник и за празник,
ја грицкаат, ја цицаат, ја пијат и ја јадат.
Ги маѓосува љубителите, сите нас н# дразни.
Таа е икона на љубовта, мојата нежна чоколада.
Превод од француски: Влада Урошевиќ