*

*
Одвреме навреме доаѓа предлог за истребување на бавијаните како чекор кон истребување на некои болести.

Дури и самата смрт е историски оградена на земјата, животот дојде прв, сето она што е зелено и невидливо, ќе исчезне, и земјината топка ќе продолжи, без живот таа повторно ќе биде тука, животот е мал.

Превод од норвешки јазик Јасминка Марковска

 

 

*
Зоолошка!

Секој кој посетил зоолошка градина го има почувствувано срамот при соочувањето со приматите.

Интуитивно препознавање.

Инцест, отворено насилство, рамнодушност – сето тоа маскирано зад љубопитен израз.

Смеа и писмо: човекот. Мајмунот без влакна што почна да обожава амајлии.

Превод од норвешки јазик Јасминка Марковска

 

 

*
Вкусот е непријател на креативноста, рече Пикасо, и заедно со ветрот испрати накај Чикаго неколку скици и една макета на скулптура за отворен простор. Чикаго, градот на добра храна, фигурата порасна голема, петнаесет метри и сто четириесети седум тони. Моделот за статуата беше можеби девојката со коњско опавче, Силвет Дејвид. Дејвид имаше високо поставено коњско опавче зашто татко ѝ еднаш беше видел балерина со коњско опавче и никогаш повеќе не ја имаше заборавено. Во Чикаго градот на гангстерите статуата ја доживуваа како да е птица, проневерување на имот, некаков земјопоседник од Чикаго со мали очи, авганистански ’рт, или можеби некаков бавијан. Некои шпекулираа дека оној кој е претставен е можеби колегата на Тот на патот накај кралството на мртвите, Анубис со главата на чакал, со мртовечкиот стап во раката. Анубис кој ги мери душите на мртвите со пердув, додека Тот ги запишува нивните добри и лоши дела. Во градот на џезот Чикаго сето ова го примија на искулиран начин, и наскоро скулптурата стана локална атракција, изгуби многу имиња и сега е позната како Чикашкиот Пикасо, омилено место за качување на деца и туристи.

Превод од норвешки јазик Јасминка Марковска

 

 

*
Подоцна, во крајниот придонес на човечкото животно, ѓубрето, бавијанот си стои и си јаде. Со најциничниот дел од телото, газот, гордо исправен нагоре, го запишува курсот на размена меѓу нас. Да можеше овој газ да зборува, ќе кажеше: „Ти си оној кој прв ќе го снема, јас можам да зборувам, јадам и серам каде сакам.“ Кога се изразува, бавијанот е безграничен, ама има свој јазик кој ја пренесува пораката, кога нѐ гледа немам сомнеж дека ни с’ска: „Бавијану еден!“

Превод од норвешки јазик Јасминка Марковска

 

 

*
Одеднаш се наоѓаме среде еден изненадувачки предел: блескави светли песочни ридови на сите страни, мали дрвја измазнети од ветрот што стојат извртени под големото отворено небо. На едно дрво седи еден бавијан, и кога го отворивме шишето за вода за да се напиеме една голтка, ни се измоча без осет. Бавијанот претпочита да е на земја, а не горе на дрвјата, велиш. И јас исто така. Кога сонцето и месечината секојдневно си го менуваат местото, месечината легнува на главата од бавијанот. Бавијанот се врти и триумфално ни го покажува газот. Месечевото божество месечува.

Превод од норвешки јазик Јасминка Марковска

 

 

*
Доаѓаат во глутници, некаде се тргнати. Меѓу улиците, плоштадите, градините. Преку патиштата. Застануваат, се качуваат на дрвото за да имаат поглед, потоа се пикаат под оградата и одат понатаму. Границата со луѓето е ѓубрето, и тревниците, врвовите на ридовите и градините пред куќите. Меѓу саваните и населените места, по должината на каналите, покрај депониите. Живеат близу до нас. Без почит, како јазикот.

Превод од норвешки јазик Јасминка Марковска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©