ЕСЕЈ: ГОЛГОТА, МАЈЧИН ЈАЗИК, СТЕБЛО, ГИ ПИШУВАМ ПОСЛЕДНИТЕ СТИХОВИ, ПЕТТИ ИЗВЕШТАЈ: КОНЕЧНО, ИСЧЕЗНУВАМЕ

ЕСЕЈ: ГОЛГОТА

гледајќи ја ангелот од своја перспектива – голгота се топи во текстот. чеканите, шајките, јажињата и крстот стануваат ситни зрнца песок што се усвитуваат на сонцето. неподнослива е таа жештина, и на распнатиот исус, кој и самиот е зрнце песок му отвора уште една рана, невидлива за другите зрнца. таа се полни со вода. со длабока и сина вода. од небото се спушта огромен сунѓер и ја цица водата сосе зрнцата песок.
христос воскресна!
не може да се рече дека ангелот тука немаше никаква улога.

 

 

МАЈЧИН ЈАЗИК

И ти си цицал
Млеко мајчино
Од мајчиниот јазик.

Си цицал? Од јазикот
Што се молзе
Во златна чинија
И се принесува
На трпеза.

Господине Пишувачу. (Млад?)
Додека цицаш

Само тој ја троши храната
На бојното поле
За тебе. Ноќе и дење.

Дење и ноќе.

 

 

СТЕБЛО

Да влезам во ова стебло
низ реските засеци во кората
и како сок низ жилите
да се искачам до пупките
што ќе развијат пролетва

Долго траеше зимата

Горе не ќе бидам човек туку здив
кој ќе ја ослушнува вселената
кој ќе ги координира ѕвездите
кој ќе го мери пулсот меѓу студеното и тивкото
и ќе затреперува според жaборот на мојата крв
според чукањето на моето срце
бидејќи јас сум во него

јас сум сок во стеблото.
Бидејќи јас сум стебло!

 

 

ГИ ПИШУВАМ ПОСЛЕДНИТЕ СТИХОВИ

Ги пишувам последните стихови во мојот живот.
Од каде го гледам мојот живот?
На пр. од музеите со восочни фигури.
Таму има ли живот?
Нешто трепери како крилја во воздухот
како завеси на лесно ветре.
Има ли воздух меѓу восочните фигури?
Има ли нешто што личи на мојот живот?
Некој ги пишува последните стихови?
(Постојат ли последни стихови? Постојат ли
воопшто стихови?) Ги пишувам последните.
Што видов, што осознав (ако ги има) во нив?
Јас сум нем човек. Оваа е нема земја. Оваа
е нема земја, јас сум нем човек…јас сум
нем… нем… ммм. Човек.

 

 

ПЕТТИ ИЗВЕШТАЈ: КОНЕЧНО, ИСЧЕЗНУВАМЕ

Конечно, исчезнуваме
Поминуваме по мост
а по нас се губи неговиот лак
Збогумте темни домови
со влажни подруми
со оковани мигови на спокој
Отсега ќе нѐ нема
На големиот глобус
ќе остане една црна дупка
од која директно се влегува
во Inferno
Во кругот на старите историчари
мапите од мојата земја
им согоруваат в раце
се ронат во ситни саѓи
кои ќе ги оддува ветрот
незнајно каде
Ќе има друг наследник
на нашите темни домови

Извештај на рисот:

Веќе нѐ нема.
Наследниците се други.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©