Почитуван министер за култура на Република Македонија, господин Асаф Адеми, почитувани градоначалници, почитувани екселенции, почитувани поети, почитувани присутни, почитувани пријатели на фестивалот,

 

Поезијата е насекаде и отсекогаш. Од детското гугање, па сѐ до епитафот, и на човекот и на човештвото. Не може да се постои во свет без поезија. Не постои ни индивидуален живот во кој некогаш и некако поезијата не била важна. Сите моменти на радост и тага, сите пресвртни моменти во животите на луѓето се проникнати или придружени со поезија. Таа е суштината во очовекувањето на човештвото, заедно со сите други уметности. Првото искуство со уметноста на секој човек е со песната. Таа е првата комуникација со новиот човек. Па не е смело и да се каже дека човекот на светот гледа преку песната, светот се одразува во песната.

Решивме да го посветиме еден дел од овој фестивал на писмото во егзил, на егзилот во писмото, на една сеприсутна и севремена тема, токму заради тоа што историјата на човештвото е одбележана со погроми и страдања, изгони и преселби, селидби и прогонства, но онака како што се рефлектирало во поезијата и животните патишта на поетите. Поетската уметност од Овидиј, па сѐдо нашите неколку од нашите лауреати на Златниот венец, познава поети кои пишуваа во егзил и кај кои егзилот во најразлични аспекти е тематска и поетичка преокупација. Го има во песните на многумина од учесниците на овој фестивал, од оние на лауреатот, пa сè до најмладиот учесник. Поетското мајсторство во претворањето на тие рефлексии на стварноста во врвна уметност, тоа е нашиот интерес и цел да го прикажеме. Егзилот, раселување, прогонство, …мношто се зборовите кои ги опишуваат состојбите на напушањето на домот. Низ светот се раселени речиси 50 милиони деца, од кои 28 милиони се протерани од своите домови поради конфликти, а милиони други мигрираат во надеж дека ќе најдат подобар и побезбеден живот, се вели во извештајот на УНИЦЕФ, објавен пред два месеци.

Обидувајќи се визуелно да го отелотвори овој тематски фокус и да изнајде на симболично ниво нешто што ќе го прикаже концептот кој покажува како етичкото и естетското  се нераздвојни, неизбежно се наметна сликата која го содржи сето тоа самата по себе: бодликавата жица. Никогаш досега толку многу бодликава жица не била употребена да се исцртаат граници. Меридијани опредметени со бодликава жица кои го оградуваа поетскиот простор. Бодликавата жица е симбол на поделеноста, врвна метафора на стравот, на отуѓеноста, на паранојата од другите, на заканувачкиот хаос кој демне од другата страна и не плаши. Таа е сведоштво за неспособноста да се комуницира, да се прифатат и разберат другите. Таа е симбол нашиот пораз како човештво.

И оваа година на почетотот на фестивалот повторно ќе го поставиме со истото прашање: Што може поезијата? Што можат и што треба да направат поетите соочени до ваквата стварност. Поезијата не познава и не признава никави граници. Затоа не служи никому и на ништо, освен на човештвото. Во тој контекст повторно реминисценција на историјата на СВП.

СВП настанаа среде најголемата поделеност на светот во 60-тите години, кога заради околностите и визијата на една група поети и критичари се востанови фестивал кој веднаш и во секој поглед играше и сè уште игра улога, која останува да биде актуелна и сега, а тоа е да бидеме мост меѓу културите, народите, јазиците, цивилизациите. Тоа го одразуваше и сè уште го одразува во секој поглед од делувањето, така видливо и амблематично прикажано со златниот венец кој обгрнува глобусот на светот.

Еве нѐ тука во овој простор од кој поезијата како мали хартиени бротчиња ќе се упати ширум светот, преминувајќи ги сите препреки, премавнувајќи ги сите забрани и граници, сведочејќи за космополитскиот дух вграден во суштината на овој фестивал.

И на самиот крај, дозволете ова отвороње на фестивалот да го направиме така што ќе исправиме една неправда. Нешто што не било испочитувано, она што било побарано од лауреатот таа 1986 година, а сега судбински се појавува пред нас како долг кој обврзува. Конечно бротчето на кое беше испишана манифестна песна „Космополитски поздрави“ , наменета да го отвори фестивалот, а не го стори тоа тогаш, стигна во конечното пристаниште, таму каде што беше упатена во тој 25 јуни 1986 година. За жал, од непознати причини оваа песна не е ниту прочитана на фестивалот, ниту па објавена во изданието. Сега доаѓа во ова време како манифест токму од лауреатот на Златен венец Ален Гинзберг, триесет и две години подоцна, да го отвори ова издание на Струшките вечери на поезијата.