ДЛАНКИ, ЗЕМЈА, ГНЕЗДА ЗА ЛЕКИ ДУШИ, 21 ЕДНА ЛЕТНА НОЌ МИСЛЕЈЌИ НА КОРЗИКА, ВРЕМЕТО НА ДРВОТО, ПЛОДНОСТ

ДЛАНКИ

Тие дланки
го изградија
светот. Цврсти се,
кожата распукана, брусна
хартија, долги нокти, од замор.
Не се тоа дланки што знаат да милуваат,
но знаат да поздрават, да покажат, да наздрават, цела низа
на собитија кои можат да ги исполнат во целост
со нивните намени. Тоа се дланки за подвизи, спремни за употреба, не
љубат да бидат неподвижни, без намена,
без пренесување. А сепак тие дланки го
расчепија телото на една идна мајка,
го преминаа тремот, ја примија
причесната на свештеникот, своевремено.
Цврсти стожери се кои ме дигнаа,
и кога дојде часот се спуштија со жестина.
Бесполезно е да се оживуваат страниците на минатото, она што изумрело
се менува при секоја проверка: се знае, историјата е диво животно

Превод од италијански јазик Наташа Сарџоска

 

 

ЗЕМЈА

Во
очите ги носиш
куферите на татко ти,
иселен меѓу иселениците
во една расцепена земја каде што зборовите,
често, трчаат наопаку.
Никогаш не научи да го читаш
неговиот прогон:
она што за тебе
е ред
во еден дом,
за него е неред
во една хотелска соба.
Неговите раце умеат да створат
стол, да пресечат врата, да дигнат
ѕид, и ако тој погледне во визба ќе пронајде
гнезда на шкорпии и стари прашини од времето
кога растел ко дете. А твоите светци пак не знаат
што да поправат. Постои парче земја
скриено на дното во џебовите,
за да потсети на она што било
претходно, што е возможно,
што постои без
нужда да
му се врачи
име

Превод од италијански јазик Наташа Сарџоска

 

 

ГНЕЗДА ЗА ЛЕКИ ДУШИ

Кога ветрот минува низ твоите седи коси,
ги чистиш, низ лисјето и гранките,
овенатите цвеќиња и залутаните богомолки.
Редоследот има вредност на преродба,
ми повторуваш. Јајцата уште
не се снесени,
ама ги чекаш,
со денови,
штом
црешите ќе расцутат.
Ластовиците не се вратија дома,
тие вечни вртикапи без постојано живеалиште.
Го издолжуваме погледот
кон југот,
ги затвораш очните капаци
и го душиш воздухот, со врвот
од носот се допираме и се насмевнуваме.
Зборовите не се подаруваат без ништо за возврат.
Секоја најмала мисла има своја цена во часови-сон.
Одгледувањето на визијата изискува свежа вода
изворска. Корењето во потрага
по утеха копаат во сувото
море на земјата, и изнаоѓаат
реликвии откопани
од оние што биле тука,
предвремено,
време врз времето,
во исчекување на онаа иднина
којашто сега стана камен и мов.
Шамански присуства и докази за тишина:
Токму ние сме следните животни што ќе имаат крилја.

Превод од италијански јазик Наташа Сарџоска

 

 

21 ЕДНА ЛЕТНА НОЌ МИСЛЕЈЌИ НА КОРЗИКА

Додека го лижеш
сечилото забележувам
рачката е пурпурно
бледникава, како цвеќињата кои свиснале
врз расцутеното нане во саксиите на стреата од собата.
Ги развева без задршка ветрот што
се крева од реката, целата куќа мириса и ноздрите одвај ја поднесуваат
смесата на мириси згрутчени: кромид, лук,
анасон, мајчина душичка иситнети врз штицата в кујна,
миризбата разлеана по кожата потемнета за цели два месеца
под сонцето непостојано, капките пот оросени небаре
слика на Полок врз чаршафите, и нането
ја крштава оваа наша неверна
приказна, исечкана како
деца од хартија за рака
што се држат.
Честопати се забавуваш
наложувајќи го сомнежот дека
татко ти бил корзикански терорист.
Од тие побуди го притискаш јазикот свој
врз сечилото на ножот и ја повлекуваш острицата кон мојата утроба.

Превод од италијански јазик Наташа Сарџоска

 

 

ВРЕМЕТО НА ДРВОТО

Го
чекав
времето на дрвото,
за да побарам дозвола од Бога
– Оној или Онаа што нема име ниту облик –
тука каде што умеел да ги поднесе дланките на еден старец
коишто ја поместија историјата од сезоните. Јас
се струполив во пребројувањето на шумата,
седнав и допирав, му се восхитував
на детето коешто не бев.
Кој си? прашав
Сонцето сум кое никој не го гледа,
одговори. Ги подзатворив очите,
се замолив себеси да не мислам повеќе
на ништо, да го нишанам морето на празнината.
Не ја преслеков душата во мир
што не ни изгреа.
Го насетив
ужасот на материјата,
склопчена, круг во круг,
година за година. Колку ли сме кревки,
рече. А јас те мислев спремен на карпата.
Не, мили човеку, ниту карпата не сонува безметежна

.
Превод од италијански јазик Наташа Сарџоска

 

 

ПЛОДНОСТ

На
езерото
т е р м а л н о
жеравите од Манчурија
го избришаа својот пат.
Пристигнаа кога се разретчи маглата,
загатка една остави простор за друга.
Ми се јави и се врати дома два часа порано.
Пристигнувањето на жеравите е благонаклонет знак,
плодност и верност, се насмевна.
Се соблековме и
клекнавме на колена.
На нашите усни
ти исцрта знаци бели,
кружни, на стомаците две црвени точки.
Ми наложуваш да ја почитувам волјата на природата.
Два наклона, две ракоплескања и трет наклон.
Ако не ја учиниш својата должност би можела да убијам.

Превод од италијански јазик Наташа Сарџоска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  • Address: P.O. Box 109
  • Str. Brakja Miladinovci nr.5
  • 6330 Struga
  • Republic of North Macedonia
  • Phone: ++389 46 786 270
  • Fax: ++389 46 786 280
  • Email: struga@svp.org.mk
Copyright 2020 | All Rights Reserved | Струшки вечери на поезијата
©