Ана Брнардиќ – МАЈКА

Штом мајката испружи дланка, таа дава.
Тоа што е на дланката веднаш израснува во стогодишно дрво,
во кула за измачување и во мечот на Артур.
Тоа што е на дланката се втиснува како сомнеж, како скаменет
поглед,
во твојата усна која проговара: настанувам.
Штом мајката испружи рака, сè, вклучувајќи ја твојата коса, заби,
љубовници
и очила, сè е фрлено на куп, во пирамида од копнежи.
Едното око шета налево, затоа што многу боли тоа јајце од волшепства на дланката,
тој етрурски збор што низ трепет ќе го расцепи светот.
Од мајката се вцртува констелацијата на бродовите.
Во ноќите има еден светилник и тој се придвижува на желка или
на кит.
И тој се движи по мајчината дланка, одејќи далеку, далеку, до
другата ти.
Затоа што утре е големото затемнување, богослужба на детството кое паднало со глава на риба.
И сега се прашува: каде е таа ноќ и кога?
И кога ли се затворила мајчината дланка?

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш