Ана Брнардиќ – МИСЛИТЕ СЕ ОДМОРААТ

Мислите се одмораат врз предметите –
тешките легнуваат врз дабот, лесните врз лисјето на липата –
или како механизам на машина за пишување под кората
чукаат
На љубовниците им годи таквиот начин
на живот, каде термитите врват преку нерамните
закоравени љубовни формули
да ги напипаат железните букви
во слепоочницата на милото битие
да се фати последната од забрзаните запирки
кои итаат како мравки од устите –
љубовта е ладна и топла
мрзелива на сонце
запишана со рутиниран ракопис врз сосема
незаинтересирано лисје.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш