Ана Брнардиќ – РАМНИЦА

Патниците внимателно седнуваат
на клупите од скај полагајќи ги своите капути со боја на капини
и сува трева
Возот јурнува во ноќта како слеп овчар
Во купето од аглите извира мрак кој се храни со безволност
Наскоро, за половина час, сите ќе ги залепиме своите лица
врз прозорците
во власта на чудната верба
дека до возот, низ анонимната шума
следејќи ги нашите чувства, копнежи, трчаат срни, диви птици
и суштества кои се будат од стеблата
Со знакот на диригентот, на призраците измачени од трката
главите им паѓаат во сон
Меката и црна рамница
добива испакнувања врз кои цутат
ноќните електрични градови.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш

mk_MKMK