Атила Вег – НЕКАКО ОНАКА

Осаменоста може да ја издржи само сам човек.
Ова е магичниот глагол. Го кажувам и почнува.
Гром удира во потстанарската соба,
на ѕидот се појавува пукнатина колку еден прст,
разгранет копнеж, ако те стигне, знам,
срцев удар блеснува, се грчат дрвјата,
меѓу жолто шушкави првобитни тревки
патиштата се збрчкуваат, сонцето крвави,
земјата во себе се превртува,
ги јаде трошките, го вдишува мирисот на твојата коса,
ја откажува аријата на твоите бутови во ноќта,
тогаш го забележувам сивиот туѓинец,
ме посочува мене, ми вели погледни околу,
веќе сè се урнало, остана само тоа
дека си убав убиец, мислечки леш, со еден збор,
подготви се, зашто ова веќе не е сон,
не прашувај од каде ќе се повикаш себеси,
за да те шибне бичот не светлината и каков ред
ќе треба да си подготвиш на себеси
кога ќе те напуштат спомените,
зашто нема оттука пат за назад,
светлината што си ја спакувал во песните
си ја вшмукал од своите љубени
и се обложувам дека и сега во задниот час
ќе седнеш и ќе пишуваш песна
за да го отповикаш проклетството,
ти поете со срце на змеј,
разочаран вампиру.

Превод од унгарски јазик Паскал Гилевски