Џалал Ел Хакмауи – КАЛИОПА ТАНЦУВА СО ОПИЕНИОТ ПОЕТ

Повеќе оган праќаш во мојата несигурна ноќ
Почитувана
Ти владееш во ова царство
да биде волјата твоја на земјата како што е на небото
Од горчината ја имаш сал
течната сол на буквите од името
зашто во твојот стас се открива задоволството на развратот
 
Затоа се разголуваш во една песна
за да почувствуваш од вртоглавоста на светот
една глутница
Во тебе има бездна во која горам
кога доаѓаат по тебе празничните дни
и сеат цвеќе во сенката на твоите пазуви
каде влажноста ги запечатува песните на распалените птици
 
Сега созвучјето го светна сериозниот тек на моите зборови
 
Јас сум и пепел и пламен и согорување и ништожност
 
Сега може да видиш
Ништо не ни припаѓа ако тоа не е Чудесното
 
8
За женката која во името го содржи
распаленото бранување на морето во бурата
Таа која меѓу нозете знае
за кршачот на сол каков што сум понекогаш
И е небо во пламен
каде галебите ја раскинуваат
темната голотија на сонцето на Јарецот
Помрачен здив има во нејзините препони
Отровот втиснат во песокот од медузите
Болеста што ја наследи од скорбутот
За неа што токму сега е
морска струја под здолништето што држи
две месечини заробени од зимата
Мрачната вода во вертикалните облини на нејзините нозе
Див крин свенат во далечините
Розата и насилството погодени од светкавицата на тагата
Но во нејзините пазуви слави двојното `ржано лепче
каде јазикот е и срп кој жнее и коси
каде рацете ми се две селски раце
за да се оплоди со плунка посевот на кафе во нејзините брадавици
Во нејзината крв остана `рѓавиот вкус на други дни
потрошениот мед од други години
просветлена од збунети риби
Зашто во неа е лесно да се почувствува како
двапати на две усни мојата страст продира
во кусата школка на двете усти
Додека изненадената тишина на една соба
го црта името на пејзажот во кој таа е збрана:
Таа е море и небеска шир.
 
Превод: Марија Крстевска