Џалал Ел Хакмауи – ПОСЛЕДНАТА БАЛАДА НА ЏОН ЛЕНОН ЗА ЈОКО ОНО

Светлината се оддалечува од тебе зашто не поднесува да те гледа
 
Зашто си одиш и од мене    жено
кога повеќе те љубам и ги оставам во петолиние петте линии на моите вени
Зошто од мене како пепел што ја носи раката на летниот здив
во поле запалено од гневот на моите дланки
што го замислувам во градот
 
Ти си најтемното и од тебе произлегува светлина
 
Зашто од тебе доаѓа болеста благословен сум
со лудост или опијанетост што понекогаш е исто
Од една венерична дамка што ја истетовира влажноста
ако се родив   ако љубев   ако сум ранет
 
Затоа кога го разгледувам низ страниците на времето текстот на мојот живот
го пронаоѓам своето име напишано трипати во едно женско тело
Ти си животот   љубовта   смртта
 
И постојат дни кога го мешам кожувот на твојата бела кожа
со омиленото здолниште на мајка ми
или розовиот фустан што го користеше во неделите
за татко ми кој го заборави својот појас
во домот на една фризерка
Други попладниња од твоите нозе растат прекрасни јануарски месеци
во кои ги препознавам песните на темелот од мајчиниот дом
 
Па нели кога се лутиш зборуваш за моето детство или само за твојот полов акт?
Ти ме имаш видено таков каков што сум треперењето кога доаѓа твојот одговор
како жестоката радост на оној кој не знае за одмор зашто ти си близу
Има дни кога твоето тело – секогаш во зародиш –
има мирис на иглите и калајот
И твојот задник наликува на столче на нишање
каде сонот црта шпански колачиња и филџани со чај
 
Но да речеме дека една вечер најпосле јас сум со тебе
сосема слободен
Задоволен како некој кој е подготвен да го дозволи заборавот
за да те добие   О највешта
и откачена како жица од гитара што го раскинува грлото
како разбеснета свиња која ми ја уништува перницата
Тогаш кој може за мене да го промени кошмарот
ако мошне далеку од двајцата светлоста си заминува
 
Ах, ми причинуваш болка до најголемите длабочини до кои чесен маж може да ја истрпи маката)
До најблиското на моето потекло на земјата
О блажена    што можам да направам за тебе освен една долга балада
во која чемерот на човечкото срце ја умножува храброста против празнината
каде танцуваш гола за да го подредиш светот
 
Знам дека дури ни тогаш мојот живот нема да има смисла
и дека ќе има скршена лира во таверната
Но така    ти знаеш   племето би можело да те нарече кралица
во овој миг и во вечноста.
 
 
Превод: Марија Крстевска