Керол Ен Дафи – ИЗВОРНО


Стасавме од нашата земја во црвена соба
што се распадна по полињата, мајка ни го пееше
името на татко со вртењето на тркалата.
Браќа ми плачеа, еден црекаше, Дома,
Дома, додека милјите брзаа назад кон градот,
улицата, куќата, празните одаи
во кои веќе не живеевме. Зјапав
во очите од слепа играчка, ја држев за шепа.

Сето детство е преселби. Некои се бавни,
те оставаат простум, малодушен, залидан по
улица во која не познаваш никого. Други се нагли.
Нагласокот ти е грешен. Агли, што божем ти се познати,
те водат кон незамисливи имоти со патеки од чакал, момци
што јадат црви и се довикуваат гласно без да ги разбереш.
Тегобноста на родителите се ниша како расклатен заб
во мојата уста. Си ја сакам нашата дома, велам.

Но потем забораваш ли, не помниш, се менуваш,
и гледајќи како брат ти голта гол полжав, сеќаваш само
спица од срам. Си спомнувам како мојот јазик
си ја свлекува кожата божем змија, мојот глас
во училницата звучи како сечиј друг. Си мислам, зар
загубив само река, култура, јазик, чувство за роден крај
и за вистински простор? Сега, кога Од каде си дојден?
Изворно? ќе ме запрашаат непознати, се двоумам.

Превод од англиски јазик:
Зоран Анчевски