Керол Ен Дафи – Син фустан

(Мадона дел Парто1, Пјеро дела Франческа)

Првпат те гледам во синoтија, во фустанов.
Го носиш небаре ја вагаш крвта
во твоето срце,
со твојов труднички фустан. Лицето ти е сериозно и скрбно
при помислата дека ќе го родиш Бога,
та на момчињата покрај тебе
им никнале крилја од верба.
Ги затвораат насликаните завеси.

Ќе го соблечеш твојот син, син фустан,
ќе легнеш во шаторот на Историјата, а потоа…
Ах, за жал, јас знам повеќе од тебе за приказнава. Се прашувам
дали некој од момчињата ќе ти го обеси фустанот
на закачалка
дури ти се мачиш и се молиш на подот. Сирота, даровита девојко.
Би сакала да ја испружам ракава
и да ти го украдам фустанот син.

Мислам дека би ми прилегал.

Превод од англиски јазик:
Горјан Костовски


1 „Мадона дел Парто“ е иконична претстава на трудната Мадона (Богородица), која се појавува во Италија,
најчесто во околината на Тоскана во 14 век. Мадона е прикажана како стои, сама, честопати со затворена
книга на стомакот, алузија на отелотворениот збор. Најпознатото дело кое ја претставува трудната
Мадона/Богородица е од италијанскиот ренесансен сликар Пјеро дела Франческа, завршено во 1460. (Заб.
на прев.)