На Агa Шахид Али (1949 – 2001)
Нема шеќер во Ветената земја.
Заколни се во маслинката на земјата бакната од Бога.
Ти го слушнав смевот во вијот на чакалот
Кога калуѓерите во земјата на псалтите му пееја на Бога.
Клекнаа на планинскиот врв, аџиите од Библијата,
Сѐ дури поскокот свиен на стапот не с’сна: „Сите на нога!“
Пророците, претскажувачите и бардовите здружно велат:
Тиранинот секогаш најглупава карта в рака стега.
Начинот на кој танцуваше во преполниот бар –
Жетва на шафран во земјата што под несреќна ѕвезда е сега.
Нашиот учител, со месечев тен, спиеше на едно око.
Беше отсуство на поле, без грутка земја на брег.
Верниците се молат во катакомбите –
Имаат ли мерка за сѐ да издржат што треба?
Сличен на сличниот. Сите други во прогон.
Ваквите наредби од Иберија останаа на сила до сега:
Испловија без мапи и компаси, ги бараа
Загубените племиња и земјата без која се може сега.
Лава солена морска пена и твојот заден дистих:
Нови светови врз пергамент, камен, песок што налега.
Гробиштата над Сараево
Ја шират границата на земјата загубена сета.
Твоја најомилена глетка: Општа болница.
Ќе појдеме ли на прошетка? Не! Ќе ме фати сонце.
Во Бејрут, Багдад и Ерусалим
Командуваат воените фотографи.
Срцето стана терорист кога умре поетот.
Сега сиот свет е револуционерна земја.
Ако во Рајот има прибори за пишување, пиши
ми на својот велелепно распослан ракопис.
Изеди седум маслинки, ми рече баба ми
и никогаш нема да живееш во гладна земја.
Уште една војна во импeријата?
Поетовите предупреди може да се читаат и полираат.
Незабележани во ноќта, празните џамии
и храмови горат во земјата на Љубениот.
Нова поставка во музејот на војната –
Портрети нарачани во опседната земја.
Ритми на рага наутро, на Мотаун в полноќ:
Му пееше секому, песна лелеава на ветрот.
Ќе го најде ли овој Христоносец својот другар
во Ветената земја – Шахидовата благословена земја?
Препев од англиски јазик: Зоран Анчевски