Кога надолу се загледував од високиот детски нужник
Вујко ми и еден бик беа втренчени очи в очи
Во нивниот, пак, заеднички поглед
Чинам имаше одредена цел:
Да не им дадат на светлосните зраци место да се скријат во сенката!
При еден прелет на фудбалскиот терен над училиштето
Можноста за растворување на стварноста
Ги отвори обете очи на мојот вујко
Дозволувајќи му сè до мрзнење да го набљудува сонцето на Северниот Пол
А вујко, ми, пак, со помош на пинцета – го потфати него за да го врати назад во
историјата
Затоа сум уверен дека небото, сепак, е менливо
Вујко ми честопати оттаму се враќа
Зачекорениот планер отстапува од својот зацртан врвеж
Јас дури верувам: Вујко ми со шум на отворање на портите
Всушност, сака да се затвори себеси – и така сѐ наопаку
Вујче љуби да поправа часовници
Изгледа имал доволни насетувања за тоа што ќе биде
И како да сака да го исправи згрешеното
Она што веќе се исполнило во промашеното време:
Односно, сите до еден се сведовме на ослободеници!
Сè досега оној задушлив тутунски павтеж среде облаците ме придавува
Кој го следи правецот на трамвајската линија кроце исчезнувајќи
Гледав јас како на вујче едно пченично поле му израсна брада
А вујко ми уште на времето си беше врзал црвена марама околу вратот
Којашто ја беше замотала целата планета
1988
Превод од кинески јазик Игор Радев