Ермир Ника – КАМЕЊАТА ШТО СЕ ТРКАЛААТ

Христијански молитви под ведро небо,
и едно заборавено човечко покајание
останато да виси во синиот воздух,
ги пелтечиме низ деновите што се движат кон квечерината
вечните желби на птиците за преселба.
Низ изгубените предели на умот
ветерот навева магла од еретични желби
ноќните гласови уплашени се дават
како далечна сирена на брод останат таму некаде.
Потоа ќе заврне силен дожд
а луѓето ќе го напуштат крајбрежјето,
таму ќе останат трагите на куќите
и прашината од заборавот на иконите.
Се тркалаат камењата по падините на времето,
во нивниот спомен ветерот копа како археолог
од планините повторно ќе се спуштаат лавини неброени
и камења сонувачи во нивното лудо тркалање.

Превод од албански јазик Ресул Шабани