спиеме па молкот ни ги вовлекол нашите глави
во празнините од перниците.
Ноќе флертуваме еден со друг
дење врз нашите плеќи пишуваме љубовни писма.
Дали се чувствуваш осамена вечерва?
Раскажи ми за твоите тајни флертови.
Сношти се чувствував толку близок со тебе
а господ сожалуваше за твоето заминување.
Заборавот сака да го проголта нашето соголување
и ти, нежна, иташ кон тоа.
Забораваме да зборуваме, забораваме да се љубиме
сѐ што е убаво се топи во воздушните честички,
потоа, една пепелава силуета ја плаши студената самотија.
Отворам очи, ти веќе не си тука
жешки дамки се топат во празната страна од креветот,
со тоа се топат лутините и нашите долги денови.
Облеката натежнува врз дрвените закачалки
студените тела се виткаат со трепетни пелтечења,
девојката се огрешува со отсутниот љубовник
и сенката на другиот несреќно се поклонува.
Доцната полноќ разоткрива тмурни соништа
мажот уверливо се витка околу покривката
таа под ношницата си ја крие слабоста
кога денот ненадејно ја претвора во жена.
Ѕидот е покриен со бледи бои
интимните врски го облекуваат забранетиот изглед
во каснатото јаболко, црвот ја гризе љубовта на Ева
и кошмарот се повторува како разочарувачка слика.
Се будиме во асиметрични форми на невиност,
џвакаме мигови и времето полека нѐ гмечи
разменуваме случајни погледи
и одненадеж чувствуваме жал за себеси.
Сѐ е едно неповторливо патување
невнимателно го допираме раѓањето, рајот и смртта,
децата незапирливо играат под звуците на облаците
и духовите на поразените исчезнуваат во квечерината
Превод од албански јазик Ресул Шабани