Денот почнува во истите профани кафулиња
со лица кои ни се прикажуваат сѐ почесто.
Погледнуваме кон истото небо
и чекориме по истите тротоари.
Во истата река ги переме гревовите
и ноќта завршува со истите стенкања.
Таму отспротива се наоѓа куќата на проститутката Софи.
Потаму, почива во мир покојниот Отец Луиѓи.
Заминуваме налутени на градот, и сенката нѐ следи.
На бастунот старецот си ги бележи преостанатите денови,
мајка ми ја завиткува староста под дебелиот шал.
Децата сонуваат да ги уловат белите слонови
скриени во островите на прадедовските приказни.
Наутро џагорливо слегуваме по скалите
навечер, тивко се качуваме.
Бледост. И Сотир не заборава да ги запали уличните ламби.
Во витрината наспроти, книжарот ги собира старите книги,
навредени од запоставеноста од минувачите.
Поетите го создаваат рајот по ќошињата на зградите
низ миризбата на урината и изгазените догорчиња.
Девојките чекаат да бидат жртвувани на било која страна од брегот
и калуѓерките умираат со шепотот на последната молитва.
Не знам зошто ни минуваат деновите така,
како искубаните пердуви на гавраните во лет
и судбината се смрачува под истите крстови.
Превод од албански јазик Ресул Шабани