Федерико Диас Гранадос – ВРАЌАЊА

Не верувам во враќања
но ова огорчено срце со стари куќи и раскопани улици
бие со секое враќање
без гестови или изрази
и знае дека светот е лошо место за да си дојде
А човек му се враќа на пишувањето песна за една девојка на аеродром
која чека авион од кој знае каде
или на пишувањето за писмото кое никогаш не го добив таа сабота
додека ја слушав старата касета со моите омилени носталгии
или за стиховите украдени од Салинас, Борхес, Волкот
и сончевите попладниња на фудбалскиот стадион
Не верувам во враќања
но ова ветво срце од други денови пее во погрешно време
за небото во кое гори името на жената која ја љубев
Не верувам во враќања
но поради мојата вокација како патувач,
кога и да заминам кон широките пространства на светот,
како на времето кога бев извидник оставам камчиња и трошки леб
за да не го загубам патот кога ќе му се враќам на твоето тело.

Превод од шпански јазик Никола Ѓелинчески