Фиона Сампсон – Сцени од Коулсхил

Во самракот препелкаат крилја,
сенките се мушнуваат меѓу фаровите.
Прозорец на крајот од патот тлее
како поглед: предолг, не на место.

Менува форма. Есенските ноќи
со ризницата мириси го дозволуваат тоа,
пепелаво-мемливите ноти на сон
кој го памтиш, матен како крилја

во налет на твојата кола:
очи ококорени, зацрнети од светлата –
затоа што некогаш е буф. Или е лебед,
или Бел маж, уредно избричен, на непозната возраст,

или овој раскрилен и блескав ангел
на прагот, со нож во рака.

*

Малото маче во колибата,
гледа низ застаклената врата
во кучето кое гребе на вратата,
ги склопува шепите
грижливо, но несвесно
на синиот квадрат на чергата.

Милоста е таен механизам,
како да сака да каже. Што е вистинито.
Никогаш нема да ја узнаеме вистината –
Сакам да кажам, никогаш нема да
се соголиме до какви што бевме
во прегратката на новиот зачеток

кога низ мембраната се проби сонливата жолчка;
кога себството се испили и влезе во самото себе.

*

Надолу… се сретнав себеси,
блед дух кој трепети во ноќта
како ламба на ловокрадец
сега е тука – па таму – во шумата

за миг се чинат како и
тие да се духови, родени
во ново светло, од длабините
на сеќавањето доаѓаат по тебе…

Кога се запознавме, јас и себеси,
се претворивме еден со друг
во сјајни сенки,

младата јас се воздигна низ мене
како треска, додека вртев
кон куќата подолу. .

*

Во летните квечерини
воздухот се згуснува – и сталожува,
правот слегнува на полиците со книги
тивко – слегнува.
Ваквите вечери
изгреваат од страниците на книгите,
или од сништата.

Напиши си го името во правот
кој цути на мазната маса,
како див развеан полен.
Самракот е широка сина маса,
а ние безбројни ко правот која слегнува –
ситни души, назабени како поленот
со себични, неутешни сништа. .

*

Меѓу металите во цевките нема слога,
па железото е жртвената анода

стручно ми рече водоводџијата
кој газдата денес го викна.

А, еве, сега следи серија мали размени
дојдени право од електричната сфера:
пулсирања, потреси на антимонот,
потреси под твојата кожа ноќе.

Нешто се подместува, или
секако се менува, железните
цевки водат војна со бакарните цевки –
заглушувачки морници го стресуваат водоводот.

Куќата, сиот свет, се тресе.
Ако не си мртов, тогаш добро ти иде.

mk_MKMK