Гајат Алмадун – ДАМАСК СЕ ОДДАЛЕЧУВАШЕ

Ја напишав песнава за жена што ја љубев, а потоа се разделивме. Сега таа има друг маж, а јас ја имам песнава.
* * *
Кога го напуштив Дамаск, јас бев неподвижен, а Дамаск се оддалечуваше. Тоа е нешто што Ајнштајн пробал да го дефинира во теоријата за релативност, а Витман во Стракови трева и тоа што јас се обидов да ти го шепнам на уво кога ти се обидуваше да ме љубиш.
* * *
Дамаск се оддалечуваше, а моето срце беше внимателно здиплено во мојот куфер, моето срце што ти е добро познато. Завиваше како волк во Јорданската Пустина, додека гонев еден дамнешен глад оти се немав заситено со љубов откако ме напушти Дамаск, а трпението е доблест и само Господ може да помогне.
* * *
Моето срце што ти е добро познато. Го нахранив со твојот рапав глас за да го смирам, и му ухнав облак од опиеност за да стивне, додека бедуинот облечен во мојата кожа талкаше во пустината со Арапите од север. Како ли да се вселам и да живеам во твојата куќа кога Господ потврдил дека ќе „лутам низ сите долини“? Како ли да се вселам, кога мавалијата* ме откраднува од мајчините раце, од твојата слабина, која јасна ко смрт, ме заробува и ме намамува далеку од моите пријатели, па те следам како што пријателот на Имру ал Каис го следи Имру ал Каис, од една држава кон друга, еден човек кон друг, и бегам од тебе како што човек бега од својот брат, мајка и татко, љубовница и деца?
* * *
Дамаск се оддалечуваше, додека јас бев неподвижен, куферот ми бегаше пред мене, а срцево, полно со арапска речитост, продолжи понатаму, моето срце што ти е добро познато. Секојпат кога ноќе го вадам од неговата пештера за да ја види месечината, го вие твоето име, но јас сум поцврст од камен, а моето срце, што ти е добро познато, не попушта.

Превод од англиски јазик Никола Ѓелинчески

_________________________________
* Мавалија е вид на народна арапска поезија со четири римувани стиха. (Заб. на прев.)

mk_MKMK