Георги Господинов – Hey Jude, 7`09“

„Хеј Џуд“ е најдолгата бавна песна на светот и
ако за тоа време не успееш да легнеш една жена,
тогаш си најсмотаниот маж во вселената.
Гаустин, VI в одделение


Најдолгата песна што ја пуштавме
траеше точно толку: 7’09”.
7 минути и 9 секунди
со раце наелектризирани
од волната на нејзиниот пуловер.
7 минути и 9 секунди
за најблескавата приказна.
7 минути и 9 секунди
за свеста да ти се сврти
а вие,
а сепак вие
се вртите,
а сепак таа се врти
околу тебе,
а сепак се врти
7 минути и 9 секунди.


Никогаш потоа,
никогаш подоцна,
и воопшто никогаш
(но не знаеш тогаш)
нема да бидеш толку долго
вљубен во една жена.