Ги Гофет – БОРХЕС

Еден ден ноќта ќе загосподари со сите нешта,
среќата и несреќата ќе можат да се погледнат
право в очи зашто огледалата ќе престанат
да го противставаат човекот на неговиот напразен одраз.
Тигарот, дури во сенката на решетките, ќе сфати дека
никаква е славата од книгите; дека на митскиот јунак
од народните приказни нерасипливото злато
му е украдено и дека тој ја товари на грб својата жртва
зиморлива но достојна во виорот на бојот.
Оној што се гордееше дека е слеп, срамежлив, без
храброст, слезе во пеколот, ја зеде за жена
Беатриса и, подавајќи го грлото кон стариот брич
на Времето, му се противстави на другиот, на тој непознат двојник
зад вратата, на оној што ги раскрвавува ружите.

Превод од француски јазик Влада Урошевиќ