Ги Гофет – IV

Врз некој остров, велеше таа често,
врз некој по малку зафрлен остров
но кој сепак му се противставува на ветрот,
врз некој остров зелен и полн со дрвја,
врз него требаше да се загубиме, да се заборавиме, да си го вратиме лицето
што прилега само на себеси, каде што трае зачуденоста
пред постоењето, и да дознаеме дали срцето
е сѐ уште на своето место, тој господар на стариот брод.
Да, на еден остров, на еден остров
каде што требаше да се отвори,
малку по малку, нашето единствено богатство, а не
да се натрупува како тука, помеѓу остатоците на денот,
таму да ризикувавме сѐ фрлајќи го зарот врз килимот
а потоа, со достигнат највисок влог, да прашаме кога тргнува возот.

Превод од француски јазик Влада Урошевиќ