Гитис Норвилас – ОД НУЛА ПОСТОЕЊЕ

                затвори ги очите –
тоа што сега го гледаш
ти припаѓа тебе

Гинтер Аих
 
Јас ти тој таа ние вие тие нив – процепите на нулата се отвораат – – –
кога рептилот, заплеткан во косата на времето, го држи со нозете в уста
рајското јаболко
кога водомарот, неподвижен на гранка, над водотекот нишани кон младите риби –
јас сум му бојата, играта на отровот од жолчка, неговиот одраз, сенка на дното,
која не го плаши
кога во запоставениот град со гасен пиштол в пазуви (наполнет е
со мене) ги гледам потонатите шупи во Шнипишкес[1], покрај нив уште се журкаат,
урлаат сенки на мажи, жени деца
умреле така – баш така, таму, човечки
последните движења на очите под вода, последните меурчиња
воздух излегуваат од уста, убавината се превртува ко змија и наближува
– – – баш сега сфатив – чинам прекасно – среќа е кога
можеш да правиш сè полека: да умреш или да го кренеш оловото, да тонеш или пловиш на Лета[2]
врз некоја церада или да фрлиш пердув од кетзал[3] врз разбрмчената пила, да ја пресечеш
раката на црешата врз која сега седам – – –
(поради растрепереното зрело црвено око – зеници паѓаат од раце, се тркалаат –
згмечени под ногата на црн ангел облечен во фрак)
кога со вратата ќе ја штипнам опашката на кометата – – –
кога ќе се начекам самиот во разговор со некој мртов бог, му нудам Калвадос[4],
го канам во салата за реанимација, а што е полошо – со ќеиф ме
дружи, ме прашува да му зајмам малку – – –
кога си неисплатениот хонорар за сомнителна создателска работа на некој бог
кога чувствувајќи го ритамот слегувам долу по скалите до потполната темнина
– – –
деца седнати на една клупичка држат ритам со лимени лажици како
по обден – а ако сопрат?
дури ждригам од јагнешкото, крвта на другата страна од светот предизвикува
земјотреси, реките си ги преливаат бреговите, си ги слекуваат бродските кондури, и
не се враќаат, радиото за време на спортските вести лаконски најавува
во кастрато глас: „Во Сомалија за време на поплавата крокодилите скастриле 8 луѓе“

пријатно јадење!
природата нема националност – тоа ми е утеха
кој ќе рече дека времето не е „o“ дупката во зборот психоза
туку е убод од нож – црни флеки на буквата „i“ во зборот умирачка
кука в грб – процветот на буквата „r“ во зборот хоризонт
така знаците и јазикот се распаѓаат, остануваат само законски прекршоци и јуриши,
психоза, умирачка, хоризонт – јазикот најпрво раѓа демони –
поезија незамислива како по некое стравично колење
(сите точки над буквата „i“ се илузија)
со зафрлена глава наназад на самрак, во центарот на Вилнус, ја гледам ордата
црни чавки како насрнуваат ко налет на ветер врз скалите кон рајот, неспособен никако
да сфатам – што ја одредува насоката на движењето? ветрот, темнината,
случајноста или копјата на голите дрвја?
кога сите ќе се одделиме – и не за ниски мотиви – туку по обичај –
ќе остане благословената тишина – ќе биде протресена од колибрија згоени од крв
(би сакал да имаат зрнца песок или засирена крв под ноктите)
дури седам на маса, на погребот од дедо ми, косата на татко ми почнува
да гори – седам крај него, седам со рибји очи (слика на мамец смрзната
во моиве зеници) и ја гризам виљушката – само не смеј се – не е смешно – рацете
рајски се премногу свирепи
кога часовниците отчукуваат повторувачка смрт – мораме да му помогнеме на времево
да си се докрајчи
поезијата мора да те втера в ќош или на гол кој се протега преку целиот хоризонт,
да ти ја одземе финалната надеж – само тогаш почнуваш да живееш без да се потпираш врз
илузии – – –
чинам таму стојам самиот – слеп сакат голман – победен од парализа
со разикана простата пред ѕидот на епохата, како да сакам нешто
да демаскирам – – –
само копнежот може да ни ги спаси главите и да измисли (најреални)
богови. копнеж не за нешто конкретно, ниту предмет или време, или жена, ами
копнеж сам за себе, кој го заобиколуваш ко нечистотија
долго-употребуваниот нож
 
Превод: Горјан Костоски

mk_MKMK