Горан Чолакхоџиќ – СО РАЦЕТЕ ГРОБОВИ

Ти немој да ме сакаш.
Моите раце се летни гробови за комарци
Т. Аугустинчиќ

Лесно е да сакаш некого кога не знаеш
како ги минува последните пет минути пред спиење,
кога си уверен дека легнува ангелски и
дека неговиот невин сон веднаш му ги гасне сите нагони.
Треба, меѓутоа, да се опива со мешавини
од смеи и воздржувања, од копнежи и гадења,
од секс и ранувања. Моите раце во октомвриските вечери
се гробови за комарци, оние живи дланки
со кои, како перуниките пролетта, ти го допирам лицето
и сите твои мекости и напнатости,
како што устата ги опфаќа рацете.
И ајде кажи сега како да ме сакаш
кога те милувам со гробови,
кога со двете полиња на губилиштето те водам низ љубовта
и го кријам тоа од тебе?
Се сомневам дека си мајстор за спојување,
затоа и те сакам со крвави дланки.

Превод од хрватски јазик Никола Кукунеш