IN MEMORIAM: Еден од најзначајните македонски и меѓународно ценети поети, Богомил Ѓузел, почина на 22 април во Скопје, на возраст од 82 години

Почина еден од најзначајните македонски и меѓународно ценети поети, Богомил Ѓузел, луциден и виспрен ерудит од највисок ранг, есеист, прозен и драмски автор, антологичар и преведувач. Чарлс Симиќ (лауреат на СВП), за него ќе каже: “Поет од светски ранг пишува на мал јазик, во мала земја, во прилично оддалечен дел од светот. Неговите песни се величествени…”.
Роден е во Чачак, Србија, 1939 година. Поет, раскажувач, драмски писател, есеист, преведувач. Завршил студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Ги превел делата на Шекспир, Вистан Хју Оден и Томас Стернз Елиот. Во 1994 год станува прв претседател (и еден од основачите) на здружението на Независните писатели на Македонија, како и долгогодишен главен уредник на нивното списание “Наше писмо”. Во повеќе наврати ја извршувал улогата на член на Советот на СВП, директор на СВП, а беше актуелен член на Советот за Златен венец. Добитник е на угледните награди на Меѓународните поетски средби во Загреб, во 2002 год. и “Босански стеќак” на Сараевските денови на поезијата 2018. Дела: „Медовина“ (1962), „Алхемиска ружа“ (1963), „Мироносци“ (1965), „Одисеј во пеколот“ (1969), „Бунар во времето“ (1972), „Тркало на годината“ (1977), „Стварноста е сѐ“ (1980), „Опсада“, (1981), „Празен простор“ (1982), „Мрак и млеко“ (1986), „Рушејќи го ѕидот“ (1989), „Одбрани песни“ (1991), „Гол живот“ (1994), „Хаос“ (1998), „Она“ (2000); есеи: „Историјата како маштеа“ (1969); проза: „Куќа цел свет“ (1975), „Митостории“ (три драми) (1982), „Легенди“ (1984), „Одбрана поезија“ (1962-2002), (2002), „Опстанок”,(2003), „Песочник”, (2008), „Остров на копно“ (2008) Собрани дела во 7 тома.

mk_MKMK