Иван Џепароски – МОРЕ И МАНАСТИР

Единствено
на Света Гора
можам да му
свртам грб на морето.
Единствено
на Света Гора
погледот најпрвин го
бара засводениот влез кон
просторите на манастирот.
Единствено
на Света Гора
очите секогаш
те водат кон крстот
од врвот на средишната црква.
Единствено
на Света Гора
убавината не е
во природата зад нас
туку во духовното пред нас.
Единствено
на Света Гора
утринската молитва
е секогаш неповторлива
и исполнета со возвишеност.
Единствено
на Света Гора
на вечерната молитва
се собираат толку многу млади,
но, и толку многу престарени монаси.
Единствено
на Света Гора
можам да му
свртам грб на морето.