Иван Џепароски – СТРАСТНИОТ ПАТУВАЧКИ СУБЈЕКТ

Кога решен некаде да отпатувам
размислувам за одбирот
на најдоброто превозно средство,
нужно запаѓам во апории…
Возовите премногу ме потсетуваат
на застарена текстилна фабрика,
а врзаноста за шините ме осакатува:
ми ги зема отклоните и страничните движења.
Автомобилите семантички ги презирам,
можеби затоа што не го сакам ниту
борењето во грчко-римски стил, а оттаму и
јазично спортскиот меланж: autos-mobilis.
Авионите не ме привлекуваат зашто
одлично ја познавам грчката митологија,
иако, лично, секогаш со должен респект
сум се однесувал кон Икаровиот потфат.
Да се оди пеш по светот
носталгично е и тажно,
пеш далеку не се стасува –
само до првите плускавици!
Веројатно и поради сево ова
најсакано превозно средство
си ми Ти, љубов моја растителна:
спокоен сум кога патувам кон тебе,
кога безбедно се движам врз тебе,
кога безбедно слетувам во тебе,
и страстно со твоето тело
заскитувам по светот.