Јан Лауверајнс – COGITO ERGO ARABIDOPSIS SUM

Растенијата ја запомнија светлината.
Се свија кон местото каде вештачкото сонце исчезна
зад ненадеен облак. Ако светлината паднеше на еден лист,
тој лист ги предупредуваше другите лисја.
Жилите ја носеа информацијата, комуницираа
преку координирана акција низ целото растение,
електрохемиски сигнали за интензитетот на светлината,
квалитетот на зраците, од лист на лист.
Пуштивме светлина само одоздола под растението, и
ги следевме ефектите горе,
објасни професорот К
на годишното собрание на Здружението
за експериментална биологија, во Прага.
Ефектите останаа и во целосен мрак,
Во согласност со нашата дефиниција за помнење.

Си помислив тогаш дека сум тенкоѕиден урочник.

Превод: Ана Топенчарова