Јоаким Сарториус – ВО СТИЛОТ НА АБУ НАВАС

Летните ѕвезди ја наоѓаат својата чистина
во небото. Фрлаат светлина врз стомните вино,
врз турбанот од влажна глина.
Виното го буди ловечкото срце. Ветува
планини и ветер. Пиј, вели, вкуси, зашто
од животот на кој се сеќаваш не останува ништо освен
свежината на одделните сетила. Мирисот на излупени бадеми.
Одѕвонувањето на сребрениот ѓердан од твојата брада.
Светлината, зелена и мека, во градините на Басра.
Да пиеме за изминатите, за убавите денови!
На билото на дините, побело од бело, побело
од хартијата? Се сеќаваш на моите зборови врз неа?
И на папагалот, поцрвен од црвено, покрај турбанот?
Поцрвен од крвта? Се сеќаваш на крвта? Се сеќаваш
на штурците што ја процврчија својата долга смрт во нас?
 
Превод од германски јазик: Ксенија Чочкова