Врз перницата заспаната глава на Џон Матир
е аквариум за златна рипка со развителена Венециска вода,
и врз галеонот, таа сјајна играчка,
тој е на кормилото, со телескопот гледа,
се колне дека не ја гледа Австралија.
И кога неговата каравела ќе вплови во Тахо,
грациозна и умна ко црн лебед,
нарачува чаша порто и пастел де ната*,
па си легнува в кревет во еден тивок хотел сред Алфама **,
и го сонува сонов:
дека еден ден ќе постане поет
наречен Џон Матир, како што од дамнина постоело,
на крајнината од картите, едно чудовиште
наречено Австралија.
Превод од англиски јазик Горјан Костовски
* Вид десерт, распространет во Португалија, Лусофонските земји и региони (Бразил, Ангола, Мозамбик итн.), како и во земји со поголем број португалски имигранти. (Заб. на прев.)
** Историски најстариот регион во Лисабон, се протега помеѓу замокот Св. Ѓорѓи и реката Тахо. (Заб. на прев.)