Јоланда Кастањо – LESS IS MORE*

Не ми рече
да ти кажев колку ми е одвратна твојата уста,
таа твоја бара од мрсни и пискави хормони.
Порадо би ги пикнал прстите в штек
отколку лицето во задушувачката заобленост на твоите цицки.
Не ми рече
Попрво сега да се урне врз мене цел куп камења
отколку товарот на твоите трескави ноќи,
остави ми простор да здивнам од
тортата со ѓумбир на твоите потреби.
Поарно игли да ми ги бодат очните длапки
отколку да го сркам желето на твоите слабости.
Не ми рече fuck off, не ми рече
оди гони се.
Подобро болка во ушите, тупаница право в стомак.
Ми се гади од селската викотница на твојот глад,
да ти ги слушам бутовите како квичат
ко розови прасенца расцепени со секира.
Едноставно тој
ништо не ми рече.
 
Превод: Никола Ѓелинчески