Јоланда Кастањо – ТОЛКУПАТИ СУМ ПОМИНАЛА ОТТУКА , А НИКОГАШ ВЕ НЕМАМ ВИДЕНО.

Изработуваме детален попис,
ко хербариумот на некое непредвидливо соѕвездие.
Први се криновите, украс на ѕвезди паѓачки,
георгините и хризантемите,
мора да се набројат и афионите оти
и срамежливите и ситни цвеќиња заслужуваат.
Листот од смоквата е сублиминален.
Најкнижевни од сите се цветните глави на дршките.
Јасно е дека орхидејата е похотно цвеќе,
многу наликува на… нема да продолжам за тоа.
Хибискусот ја исполнува квечерината со хирови и поговорки.
Хортензии: кажете ми колку бев среќна тука.
Ете се перуниката, лавандата, таканаречената чајна роза.
И потоа ете ја магнолијата, како што посочува нејзиното име,
сигурно некогаш послужила како амблем на некоја монголска власт.
Кали, дремничиња и јака нота на планинска роза.
Потоа има и други чудесии од далечни краеви,
како неописливиот цвет од чиламате,
кој се чувствува а не се гледа, како
таа длабока љубов која избива откај колената.
Има
водени лилјани, кинески ружи, глуварчиња.
Имаме и космос и жалфија и темјанушка но тие се веќе
поконцептуални цвеќиња.
Пасифлората е ко тронот на некој одговор,
балдахинот на некоја размисла.
Има цвеќиња кои засекогаш го носат името на првото око кое ги здогледало.
Јорговани, невени, каранфили.
Не можам да ги заборавам мимозите, ројот на малечки предупредувања,
нити оние кои најмногу ги галам: непристојниот шум на бугенвилиите.
 
Но, како што веќе ви кажав, не знам, чудно е,
толкупати сум поминала оттука и
не,
ве немав видено
никогаш.
 
 
Превод: Никола Ѓелинчески