Јозеф Страка – „ОДРА“

Си мислам, како може да се доживее последната година во туѓа земја
химера?
неуспешни патишта до градови што завршуваат на -ин и -ол?
или до некои други
записи, треперења, излаени самогласки
билети поништени од молчелив кондуктер, што само ја покажува насоката напишана десно долу
па одам по граничната линија што се менува во река
го обиколувам местото, што пред војната се викало Колоние
денес само осамен трактор со сечиво за сечење трева
ограда со овни и покажувач: Целта на 5 км
велосипедска патека што завршува стотина метри понатаму
луѓе на велосипеди благо замаени во помодрениот самрак на скриеното сонце
сега на кратко да се загубиш
две земји, каде не си ниту домаќин, а не си ниту во една од нив
привремен надворпростор
да се издржи во него дури до последното кафе на островот, каде си стигнал по дрвен спојувачки мост
неколку маси, бел висок шатор
под кој двометарски маж загрева виршли
нуди попуст, за еден час демек ќе го гаси пламенот
зборови, осамен пар што сонува за заеднички живот
седнат долу крај тревата
невознемирен и неподвижен.

Превод од чешки јазик Драган Георгиевски