Отидов во градината, одзади, каде
врз покривот од шупата која ја изгради дедо им,
седеа нашите деца, се смееја, а јас ги сликав.
Потоа се најдов во родниот град, пред прагот
на домот од детството. Слабото светло на свеќата
ја осветлуваше кујната. На двајцата седнати старци им реков:
„Дојдовме да живееме овде. Јас, сопругата, две повозрасни
деца, и едно бебенце во количка.“
На ништо друго не се сеќавам. Татко ми и мајка ми
седеа на софата, а јас им скокнав в скут
и низ смеа, се согласивме англискиот да го викаме
„анг-анг“ а францускиот „франц-франц“.
Во 1949 г. плашливо ја подотворивме истата кујнска врата
од куќата на улица „Аја“, број 16. Ноќта,
некој беше грабнат од куќарката во градината.
Потоа ги покривме собите со тапети, најпрво залепивме
весници. Се сеќавам дека му закачив нож меѓу очи
на еден мустаќлија, кој навистина умре во 1953 г.,
и ги остави Русинките да плачат по улиците.