Ким Мур – ТЕЛО, СЕТИ СЕ

Тело, сети се на ноќта кога се преправаше
дека е филм, некој тонски запис ти свиреше
низ главата, не лажи ме тело,
знаеш што зборувам. Ја криеш од мене,
истегнатите бели чаршафи од креветот,
нивното вртење наоколу, пискавиот лелекав звук
во главата. Тело, ти текнува на чувството,
мора, ама мора. Ме лажеш. Покажи ми
како да ја препознаам светлоста во око на куче,
бесно куче. Потсети ме, О тело, на потезите тој
што ги правеше дури пиеше, таа страшна тишина.
Дај да осетам како оставив очите да ми паднат, птици паѓаат
од небото, како срцето ми беше поле, и имаше
едно куче, разулавено сред полето, ги плашеше
овците, тие бегаа и потоа
се смирија. О тело, дај ми да се сетам
како беше да имам поле во градиве,
О тело, дај ми да го препознаам кучето.

Превод од англиски јазик Горјан Костовски