Кирил Кадијски – ДАВЕНИЦИ – 1.

Топола на брегот, кутната, изглодана од острозабите далги,
се белее – скелетот на прастар кит –
и ја расипува глетката… Како од смртта човек да се доварди,
кога и животот ни е крвник клет?
Ечат брановите – чиниш заливот е изненаден од бурата
што се јурнува, фрлајќи стотици едрилици и едра кинејќи.
Дали храбрите, во постојан бој – со смрт смртта
ја победија?… Или плашливите, на брегот стоејќи?
Се пластат облаците на хоризонтот – китови самоубијци. Каде
отишол светот, штом нема веќе ронка душа
дури ни за господарите на океаните…
И ние, ќе ги разбереме ли некогаш заканите
страшни, дека патот, што нив ги одведе кон суша,
утре нас кај јатата гладни риби ќе нè одведе.

Превод од бугарски јазик Никола Кукунеш

mk_MKMK